Петар Печков
Објавено: вторник, 07 март 2017
Револтираните вработени од велешката Фабрика за шински возила ,,Колска,, го сопреа патничкиот воз кој напладне од Велес тргнуваше за Скопје. По 15 минутен протест а по инсистирање и барање на патниците, кои имале закажано на доктор, други на работа, трети ученици на училиште, вработените со задоцнување го пуштија возот. Најавуваат дека ова е прв чекор, кон радикализација на нивниот штрајк, кој трае со месеци.
Вработените од железница за два месеца неисплатена плата го сопреа целиот железнички сообраќај во Македонија. А што ние да кажеме, чекаме плата од октомври. Тоа се пет месеци. Постојано сме во штрајк, но нашиот апел за помош не стигнува до никого. Преговараме и со Владата и со Министерот, и со МЖ но резултат нема. Немаме надеж дека некој воопшто мисли за нас. Луѓето бараат да бидеме радикални – изјави Влатко Митревски дел од синдикатот во фабриката.
Дел од вработените биле подготвени да започнат штрајк со глад а други целосно да го сопрат железничкиот сообраќај на Железничка станица Велес, каде е главниот железнички јазол во земјава.
Фабриката за шински возила ,,Колска,, минатата година имаше договор за работа со МЖ, кој бил целосно исполнет и исплатен. Потоа бил склучен нов договор за поправка на 80 нови што патнички, што товарни вагони. Од овој договор, авансно требало да бидат пуштени одредени средства, кои ќе се искористеле за исплата на заостанати платни. Но досега ништо од ова ветување.
И од МЖ и од Министерството за Транспорт и од Владата ни велат ,,ќе биде,,. Ама ова никако да се случи. Имаме колеги кои заглавија со долгови поради неисплатени плати. Зад нас стојат фамилии, деца кои се судруваме со егзистенцијални проблеми – додава Митревски.
Во фабриката има 126 вработени. Мината година прослави еден век постоење.
Колска е владина фирма, имаме директор именуван од Владата, ние сме државна сопственост, ама државата не пушта пари. Немаме друг избор освен да ги сопреме возовите. И конечно да се произнесат по нашето барање да се вратиме и бидеме дел од МЖ – вели Марјан Мицев од синдикатот на ,,Колска,,
Tweet |