Петар Печков
Објавено: среда, 01 март 2023
Децата од Детските градинки во Велес добија компостери, со кои остатоците од храната ќе може да се преработат во храна за земјата и растенијата. Ова е реализација на проектот „Селектирај – Компостирај“ кој во Велес го реализираше ЕД Вила зора.
„Ова е начин како да стигнеме до нула отпадно ѓубриво, на оригинален и уникатен начин. Тоа е преку компостерите, најнови модели и технологија, кои што досега не се донесени во Македонија. Оригинален затоа што корисниците се најмладите – децата од градинката. Сонот за остварување на нула органски отпад почнува да се остварува. Се надевам дека ова ќе биде успешен почеток за сите кои ќе сакаат да го прифатат ваквиот начин на работа, а компстерите ќе бидат дел од повеќе институции во земјава. Сакаме да прерасне, не во регионален туку национален проект“- кажа Сашка Коцевска, член на ЕД Вила Зора, која го реализираше проектот.
Проектот е финансиран од УНДП со 80 отсто и 20 отсто од Општина Велес. Неговата вредност е 1,8 милиони денари.
„Ние сме посветени на децата, младите и подобрување на нивниот живот. Ова е успешна приказна за најмладите во општината, за нивната едукација“- рече Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП во Македонија.
„Машините кои произведуваат компoст е иновативен начин, преку забава и игра да им се укаже на децата дека сметот може да биде користен. Тој е дел од еден поголем проект Селектирај -компостирај“ изјави Марко Колев, градоначалник на Општина Велес.
Преку игра и забава околу 1,2 илјади деца од сите шест клона на детските градинки во Велес, ќе имаат можност да го користат компостерите.
„Досега работевме со децата за собирање, рециклирање, преработување на различни видови отпад пластика, хартија, отпадни батерии. Целта е остатоците од храната умно да се искористат, и истите повторно да станат храна. Или преку овие компостери, децата ќе може да видат дека остатоците од храната, може да се умно да се претворат во храна за земјата и растенијата. Се со цел да ја сочуваме животната средина“ – рече Маја Велиновска директорка на Детските градинки во Велес.
Tweet |