Петар Печков
Објавено: недела, 26 јули 2015
Најважен ден се смета неделата, тоа е време на слобода и опуштање од работата и секој може да присуствува на свадбата. Во неделата уште од 9 часот наутро, младоженецот се облекува во свадбени облеки при што му се пее следнава песна:
Сина мајка променује,
и му тихо зарачује:
- В девојкини рамни двори,
да не коња разиграваш,
да не срце развеселиш,
зашто има клета мајка.
Потоа со голема свита музика тој оди по куќите и ги кани кумот и другите сватови. Поканетите се собираат околу младоженецот околу 11 часот пред пладне, каде што наоѓаат предолга наредена трпеза, седат, јадат пијат за здравје и среќа на младите сопружници и на кумот му пожелуваат „да дочека и за сина“, пеат песни и играат на дворот под отворено небо. Понекогаш поради многубројноста на сватовите и случајните неканети посетители трпези ставаат и во дворот. По гоштевањето и играњето се готват да одат по невестата, кумот ја поведува поворката со песната што му ја пеат девојките:
Та што стоиш, мили кум што чекаш?
Кумица е надалеко, мили куме
надалеко, преко вода, преку гори,
јунаку се срце разиграло,
како овен у стадо големо,
како вино у сребрена чаша,
како риба у дл’боко море. –
Дор да земе проштание од татка,
и от мајка и от сја роднина:
- Прости ми, прости ми, мој мили татко!
зашто че идем у туджа земја,
ќе доведем туджа земјанинка,
мене љуба, а вам мила снаха,
мила снаха, голема отмена.
Ако невестата е од друго село по неа одат на коњи и е многу мило тогаш во планината да ги сретнеш сватовите, педесетина луѓе, прекрасно облечени коњаници на одлични коњи патуваат во планината по тесните тешко проодни патишта, во редица еден зад друг, пеат песни и пукаат од пиштоли. Меѓу нив младоженецот лесно може да се открие по китката цвеќе што тој ја носи на главата. Околу зетот јаваат младите девери - неговите аѓутанти. Сватовите водат за невестата убаво украсен коњ. Во ваквите долги походи жени ретко учествуваат. Ако пак младите сопрузи се од исто место, по невестата одат пешки и водат коњ само за неа, на кој јава еден од деверите ги придружуваат жените и многу други гости, кои биле кај зетот заедно со музиката.
Во куќата на невестата тој ден, уште од утрото мајката и некои роднини во два сандака (ковчези) убаво го наредуваат чеизот, и ја подготвуваат невестата облекувајќи ја во свадбена носија. Таа останува во одделна соба, опкружена од некои свои роднини и пријателки и кај неа постојано влегуваат девојчиња и момчиња со своите мајки и таа на сите им бакнува рака. Во исто време во друга соба е ставена долга маса, на која што седат гостите во очекување на зетот и неговите сватови, а во дворот момите и ергените играат оро под звуците на музиката или гласовите на песните. Кога зетот со сватовите ќе приближи до домот на невестата тогаш неколку луѓе од домашните ја затвораат вратата или ставаат нешто на влезот што води кон дворот и им јавуваат на сватовите дека ќе им ја отворат вратата и ќе ги пуштат во дворот само под услов ако меѓу нив се наоѓа некој кој би можел да ја прескокне оградата или да изврши некаков друг голем подвиг. Се разбира дека меѓу сватовите не се наоѓа некој херој како Крале Марко кој би направил такви подвизи затоа младоженецот наоѓајќи се во тешка положба барањата на противниците им ги задоволува со пари или некаков друг дар. За целото тоа време момите коишто во рацете држат китки застануваат во круг во средината на дворот и му пеат песни на младоженецот.
- Та што ми се забавило,
дали ти е дом далеко,
или ти са друмје кални,
или ти је коњ постанал?
- Море моми мали моми,
нити ми је дом далеко,
нити ми са друмје кални,
токо ми ја војска малци...
Најпосле портите се отвораат и сватовите влегуваат на коњи или пешки по следниов ред: најнапред кумот, потоа младоженецот со деверите, а по нив сите други. Во дворот ги пречекуваат таткото и мајката на невестата на кои зетот им бакнува рака. По таа церемонија сите влегуваат во куќата и седнуваат на трпезата мешајќи се со гостите од кај невестата. На првото место или на чело седи кумот со таткото на невестата, потоа роднините на зетот, а потоа тој меѓу деверите. За зетот е наместена специјална перница но тој не седи туку цело време стои просто. Макар тоа да не му е пријатно да му е малку тешко, за зетот е неприлично да седне и тој со задоволство се потчинува на тој обичај останат од пред многу векови. По извесно време кон него се приближува братот на невестата или ако нема брат некој од нејзините блиски роднини за да му забоди на капата позлатена китка цвеќе. Откако ќе го направи тоа тој го заплашува зетот со тупаница но тоа не го прави навистина туку само го допира со рака до устата. Зетот му бакнува рака и го наградува со некаков дар. Тогаш се даваат и сите оние дарови кои се договорени при свршувачката. Потоа деверите стануваат од масата и одат до собата на невестата. каде што ги чекаат мајка и и една или две од блиските роднини. Во тоа време невестата стои просто, лицето и е покриено со бел прозрачен вел. Деверите се доближуваат до неа и и ги предаваат следниве дарови: чевли, кои и ги оставаат до нозете и таа сама ги обува, копринена крпа и разни други тоалетни потреби, кои таа ги зема и и ги дава на мајка си или на некоја од присутните роднини. Потоа невестата ги дарува со платнени или бродирани крпи и ги бакнува во челото. Во собата на невестата за деверите ставаат трпеза и ги гоштеваат со одбрани јадења, и разни видови слатки. Со нив седнува и невестата. По неколку минути тука иде и зетот, седнува на масата но не јаде само на крајот кога ќе принесат печена кокошка тој според должноста ја раскинува и тука малку го нарушува строгиот свадбен обичај кога успева да касне неколку залака. По завршувањето на ручекот зетот излегува од таа соба и оди кај сватовите, а деверите остануваат кај невестата.
Во меѓувреме во дворот трешти музиката и момите играат оро. Сватовите важно стојат отстрана , образувајќи полукруг, ги гледаат игроорците, расправаат за нивната убавина и тука некои си бендисуваат според срцето. Најпосле кумот се обраќа со молба кон таткото на невестата велејќи дека веќе е време да ги пуштат со невестата. Тогаш во дворот го изведуваат коњот на кој ги товарат двата сандака во кои е чеизот на невестата. Зетот им бакнува рака на родителите на невестата, се опростува и се качува на коњот. Невестата исто така спроведувана од деверите и роднините се проштева со родителите, роднините и познатите, сите ги бакнува и плаче. Во тоа време момите пеат:
Сл’на ѕвезда меѓу два девера,
стои мома среди рамни двори,
колко стои толко Бога моли:
- Биди Боже, еште позарана,
да постојам у таткови двори,
да погледам таткова си рода,
зашчо ч’идам в пуста туджа куча,
туджа куча тага е голема,
че оставам овде мили татко
а тамо че најдам други татко,
татко че речам, черко не вика...
Таткото ја качува невестата на подготвениот и украсен коњ и на сите им посакува среќен пат.
Сватовите си заминуваат по друг пат, а невестата ја чуваат во средината, и патуваат по истиот ред со песни. Деверите одат пешки откако ја придружуваат невестата од двете страни и ја забавуваат со разговори. Лицето на невестата е покриено со вел.
Tweet |