Петар Печков
Објавено: понеделник, 22 декември 2014
Спомен куќите на Рацин, Џинот, Главинов и Касапови нема повеќе да се користат бесплатно. Досега таму можеше кој сака да побара и да добие простор и време, кога нему му е потребно, да ги користи,без да плати ниту денар, иако за тоа беа ангажирани лица кои се грижеа за објектите. Најчесто овие четири спомен куќи се користеа за снимање на видео клипови за свадби и други свечености.
Оваа Одлука се носи поради користење на спомен куќите за свадбени церемонии. Спомен куќите се кои се под јурисдикција на Музејот и подлежат на Законот за заштита на културното наслество, мораат да се чуваат и штитат. При овие активност потребно е да се ангажира ваработен од Музејот кој се грижи за редот и дисциплината во објектот во кој се врши фотографирањето и снимањето - велат од Народниот музеј во Велес. Цената за користење е 300 денари во работен ден и 500 денари за викенд и празник.
Новина е што се воведува и цена за влез во Народниот музеј, во просториите каде се изложбените поставки. Таа е иста како и за спомен куќите и Спомен Костурницата, и Спомен куќите од НОБ во Горно Врановци 10 денари ученик, 20 денари возрасни и 50 денари за странци.
Парите добиени од влезниците би се користеле за тековно одржување на Музејот, а висината на влезниците е во согласност со висината на влезниците во останатите спомен куќи кои се во надлежност на Музејот - објаснуваат од оваа институција.
Оваа новина се очекува да стапи на снага од почетокот на наредната година, откако ќе ја усвојат советниците на Седницата закажана за в четврток.
Tweet |