Петар Печков
Објавено: вторник, 28 декември 2010
Велешките советници незадоволни од информацијата на ЈП Македонски Железници –инфраструктура за состојбата со железничките премини во општината, истата ја отфрлија и побараа да се доработи.
Тие на директорот му дадоа ,,корпа,, бидејќи одговорот не бил целосен. Поради честото неработење на безбедносните железнички рампи во градот, советниците побраа одговор, зошто тие не се спуштаат. Наместо одговор добија објаснување од раководството, дека безбедноста е на задоволително ниво.
Не сме задоволни од одговорот што директорот Бесим Деари во писмена форма ни го достави. Затоа им го вративме на Македонски железници – инфраструктура, да одговорат зошто железничките рампи во Велес не работат, со што е загрозена безбедноста на граѓаните – изјави Славчо Чадиев претседател на Советот на општина Велес.
Овој проблем со не спуштањето на рампите во Велес често се случува а бидејќи премините се во центарот на градот, тука минуваат илјадници велешани кои се чувствуваат небезбедни. Во одговорот на директорот Деари тој констатира недисциплина и вина која ја лоцира кај возачите, кои ,,не ја почитувале поставената патна, светлосна и звучна сигнализација,, .
И додека надлежните од ЈП МЖ не кажуваат зошто рампите на функционираат, СВР Велес посочува дека во периодот кога тие не се спуштаат, биле извршени кражби на бакарниот кабел од инсталациите кои го регулираат нивното работење.
Tweet |