Петар Печков
Објавено: четврток, 11 мај 2017
Откако во средата попладне, на 69-тата седница на Советот на Општина Велес, со мнозинство гласови беше одземена титулата почесен граѓанин на Велес, со реакција се јави бизнисменот Трифун Костовски.
Тој не бил во тек, дека се подготвува одземање на ова титула, и бил изненаден од ваквиот развој на настаните.
Несомнено низок чин на повреда, нека им служи на чест на актерите за ова неправда. Благодарам на велешани што дозволија изминатите години да бидам почесен граѓанин. Одземањето на ова признание кое има длабоки политички корени, за мене е апсурд. Јас и натаму ќе се чувствувам почесен, бидејќи јас го сакам градот и жителите на Велес – изјави Костовски за регионалната ТВ К-1.
Тој го доби признанието почесен граѓанин на Велес на 28 февруари 2002-та откако донираше средства за обнова на храмот Св. Пантелејмон, го подари споменикот на Рацин во центарот на Велес и со негови средства се изврши обнова на старите куќи во јадрото Варналиите.
Признанието му беше одземено по барање на Здружението на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија,,Ѕвезда,, од Велес, кои беа лути оти Трифун рекол, дека тие нивните права треба да ги бараат во Грција. Со ова 14 илјади жители на Велес биле повредени. По изјавата дадена на национална телевизија, Костовски јавно се покаја.
Престанокот на важност на Одлуката за прогласување почесен граѓанин на Општина Велес на Трифун Костовски, беше со надгласување, со 12 гласа за од ВМРО-ДПМНЕ и 8 против од СДСМ и без расправа.
Tweet |