Петар Печков
Објавено: понеделник, 20 ноември 2017
Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски е новиот претседател на Советот за развој на Вардарскиот плански регион. Деветмината градоначалници од општините кои се дел од Вардарскиот плански регион денеска ја одржаа конститутивната седница на Советот за развој на Вардарскиот плански регион.
Тие едногласно одлучија Коцевски да биде претседател поради досегашното искуство и фактот дека седиштето на Центарот за развој е во Велес. Досега оваа функција ја извршуваше претходниот градоначалник на Велес Славчо Чадиев. Во Вардарски плански регион влегуваат општините Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Лозово, Чашка, Росоман, Градско и Демир Капија.
Во своето прво обраќање Коевски истакна дека пред општините од регионот е период во кој треба многу да се работи за подобрување на животот за сите граѓани. Како два заеднички приоритети ги посочи: изградбата на регионална фабрика за третман на цврст комунален отпад со неколку претоварни станици и Регионален центар за третман на бездомни кучиња како проблем со кој се соочуваат сите општини.
Гостин на конститутивната седница беше Заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлевски. На градоначалниците им посочи дека е започнат процесот за редефинирање на блок дотациите со кои се финансираат Единиците на локалната самоуправа. Редефинирањето се прави со цел од досегашните 4,5 проценти од ДДВ-то за општините во иднина да се издвојуваат по шест проценти. Најави се издвојуваат повеќе средства за рамномерен регионален развој, како и преку граничната соработка. Градоначалниците беа информирани за досегашното функционирање на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, финансиската ситуација и увид во проектите кои досега се реализирани, како и оние кои се во процедура.
Tweet |