Петар Печков
Објавено: понеделник, 07 мај 2018
Градоначалникот на Велес Аце Коцевски по подолга пауза се појави во јавноста. Истакна дека така ги разрешува шпекулациите што деновиве се шират низ градот, дека поради болест се повлекува. Потврди дека имал здравствени проблеми, но демантира дека ќе си поднесе оставка.
Овде сум во општината, фокусиран на голем број проблеми и предизвици. Точна е информацијата дека изминатиот период се соочив со личен предизвик, со здравствени проблеми, како што им се случува на многумина на моја возраст, особено од стресните професии како оваа што ја извршувам. За среќа овој предизвик го надминувам и повеќе од кога повторно сакам да се посветам на визијата Велес да го направиме убаво и пријатно место за живеење. Затоа замолувам наместо со шпекулации да се занимаваме со вистинските проблеми и предизвици. Немам намера да поднесам оставка, продолжувам да работам посветено на приоритетите на Велес, за што на локалните избори ја добив довербата од гласачите - рече Коцевски.
Тој пред јавноста ги кажа резултатите од првиот квартал годинава. Годинава реализираните приходи биле за 28,3 милиони поголеми, отколку во лани истиот период. За шест месеци како градоначалник и општината немале потрошена ниту денар за репрезентација, за ручеци и вечери, парите за гориво биле намалени за три пати. Долгот кон ЈКП Дервен кој изнесувал 90 милиони денари, поради неплатени фактури од 2013-та бил намален за 7 милиони денари. Исплатена била и рата од кредитот кон Светска банка.
Не сум во целост задоволен од тоа што е сработено изминатиот период, можевме многу повеќе да не беа долговите кои ги затекнавме и да имавме екипирана општинска администрација. Велес се движи во правилна насока и резултатите набргу ќе бидат видливи. Фокусот изминатиот период беше враќањето на долговите оти само општина без долгови, може да аплицира за сериозни проекти пред домашните и меѓународни организации и пред кредиторите. Задоволен сум од финансискитите разултати во првиот квартал споредбено со истиот период лани. Парите од даночните обврзници ги трошиме домаќински, одговорно и наменски - рече Коцевски. Тој ги најави наредните проекти од локалната инфраструктура, кои ќе се реализираат.
Нова водоводна линија кон Горно Оризари, преку Превалец е прашање на ден кога ќе започне со изградба. Водовдната линија преку Раштани до Бузалково е во Министерството за транспорт и врски. Ќе започнеме со пристапот до велешката Болница со проширување на улциата Самоборска и подигање потпорни ѕидови. Ќе се поставуваат нови водоводни линии на улците Петар Делјан, Богдан Каракостев, 8-ми март, Костурска и други. За тое се одобрени 10 милиони денари и ќе се подобри сообраќајната инфраструктура со асфалт, бетон и бехатон. Во завршна фаза е надвозникот кај Башино село и тој за скоро ќе биде пуштен во употреба. Крстосницата кај Панини ќе добие решение што улицата пред објектот викан Бугарска амбасада ќе биде еднонасочна, пред Круг ќе има мал кружен тек - најави Коцевски.
Tweet |