Петар Печков
Објавено: понеделник, 03 јуни 2013
Драматично и неизвесно беше пред Основниот суд во Велес за родителите и блиските осумина матуранти кои СВР Велес ги уапси заради напад над полицаец. Половина ден траеше неизвесноста дали ќе завршат в притвор лицата од кои седумина се на 18 години еден со 23 , кои при прославата на матурска забава претепале тројца полицајци.
На почеток при започнувањето на сослушувањето на осомничените било поднесено барање од страна на обвинителството за определување на мерка притвор за сите осум лица. По извршеното сослушување таа мерка е заменета со барање за нивно обезбедување.
Така нивните патни исправи се одземени и имаат обврска да се јавуваат во одреден ден во велешкиот суд. СВР Велес поднесе кривични пријави против A.K (19), С.Л (23) Н.Л(19), Ж.З (19) и С.М (18) сите од Велес , за „напад над службено лице при вршење на работи од безбедноста“. Тие биле на приватна забава во објект во ГТЦ во Велес на 27-ми мај, а околу 40 минути по полноќ од страна на станарите во околните згради е пријавена гласна музика и нарушување на јавниот ред и мир, при што на лице место е испратена групата за интервенција.
По упатената наредба да ја намалат музиката полицајците биле нападнати од пријавените при што со сериозни повреди се здобиле тројца службеници кои морале да побараат лекарска интервенција. При тепачката дури едниот полицаец добил удар со чаша и шише по глава. Заради доведување во ред на матурантите било испратено засилување по што тие биле приведени во Полициска станица Велес.
Подоцна СВР Велес поднесе уште три пријави против М.А. ( 18), Б.Н. ( 18 ) и И.Л. ( 18 ) заради спречување на службено лице во извршување на службена должност. Овие тројца, според нивните родители не биле присутни во објектот во моментот на инцидентот и тие дошле подоцна. Истрагата за овој предмет продолжува, по што обвинителството ќе реши за неговата натамошна судбина ќе подигне обвинение или ќе се откаже од него. Наскоро ќе бидат сослушани натепаните полицајци.
Законот за првото кривично дело предвидува казна затвор од една до 10 години а за второто од шест месеци до пет години.
Tweet |