Петар Печков
Објавено: четврток, 12 јануари 2012
Вчера попладне околу 16 часот во колонијална продавница лоцирана на улица Јордан Џурнов во Велес, поради меѓусебни недоразбирања дојдено е до вербална расправија помеѓу синот Е.Ј. (28) и неговиот татко Р.Ј. (49) и двајцата од Велес, по што таткото го нападнал синот удирајќи го со дрвената рачка од секира во пределот на главата при што му нанел тешка телесна повреда.
Не сакајќи јавноста да дознае за настанот, родителите неколку часа го лекувале дома синот, но неговата здравствена состојба само се влошувала, по што го однеле во Болница, каде докторите констатирале скршеница на черепот. Родителите тврделе дека синот паднал по скалила, но повредата покажувала дека е нанесена со удар од тврд предмет, по што полицијата открила дека таткото го удрил синот. На Е.Ј. укажана му е лекарска помош во Медицински центар Велес од каде по извршениот преглед поради сериозноста на повредите е пренесен во Ургентен центар Скопје.
Соседите не знаат ништо за овој настан, ниту слушнале, ниту виделе кавга или тепачка, кои претходно биле чести кај ова семејство. Таткото Р.Ј. е приведен и во полицијата се во тек мерки за целосно расветлување и документирање на случајот, за кој велат имало еден сведок на инцидентот во продавницата. Во зависност од здравствената состојба на синот, ќе се знае дали таткото Р.Ј. ќе одговара за обид за убиство или убиство.
Tweet |