Петар Печков
Објавено: сабота, 09 април 2016
Вчеравечер во велешкиот ликовен салон беше отворена изложба на академскиот сликар Трајче Чатмов. По десет години ова е второ претставување на Чатмов во родниот град, овој пат со изложбата насловена „Креативност и Мизерија“. На неа се претставени 44 слики изработени во акрил на платно, во период од последните четири години. Работени се во фаза на експресионизмот.
Делата се израз на моето последно творечко изразување. За разлика од претходниот период каде просторот беше моја преокупација, овде преовладува конкретна приказна, експресија, присутен е човек, животно, фигура, живот кој ние секојдневно ги живееме. Се стремам кон максимална слобода на изразот, духот, на начинот на изразување. Тоа е мошне тешко живеејќи го денешниот начин на живеење - изјави авторот Чатмов.
Тој дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во класата на Рубенс Корубин - педагошко сликарство, а магистрира во класата на Родољуб Анастасов, сликање и естетика.
Делата се работени во експресионистичка постапка, каде доминираат јаки колоритни бои, тонови, изрезени линии. Авторот преку овие слики се обидува да ги прикаже своите чувства, како тие настануваат во него. На сите слики доминира животот, прикажан е човек, животно, отелотворување на одредено искуство кое уметникот сакал да ни го претстави - изјави рецензентот Ели Василевска Илиевска. Изложбата ќе биде поставена следните десетина дена.
Tweet |