речник контакт

Крсто Џгуров, мајстор на мексиканската песна

Одевме на кино и по пет - шест пати, да гледаме мексикански филм, да го научиме тенстот на песната се присетува Крсто

Петар Печков

Крсто Џгуров е еден од првите велешки музичари од средината на 60-тите години на минатиот век. Велешани него го доживуваат како мајстор на мексиканската песна. Тој започнал да свири, благодарејќи на неговата силна желба, иако не бил одбран да биде дел од училишниот оркестар. 

Мојата музичка кариера започна на 12-13 години, шесто одделение во Трајко Андреев. Учителката избираше деца за мандолинскиот оркестар, мене не ме избра. Ама јас сакав  многу да свирам, и иако не бев одбран, отидов на изборот.  На сите професорот од  музичко, на клавир  ни даваше некаква музичка задача и тие што ги биваше според него ги оставеше. Така  ми дадоа нешто да отпеам, бидна и ме остави во оркестарот. Ми дадоа гитара оти бев повисок и можев да ја држам. Бев многу радосен, се радував како мало дете. Немаше жици, си купив и така започнав да свирам. Научив неколку акорди а првите песни што ги научив беа руски. Така започна мојата кариера – се присетува Крсто.

Но дошло  време кога оркестарот веќе не работел а желбата за свирење на Крсто била голема. Тој преку  другар дошол до гитара, но морал да ја обнови за да свири на неа. Гледал од други како свиреле, ги симнувал со поглед нивните потези и така учел. Во тоа време била мошне позната и популарна групата Педуто – Пенчо полицаецот, Тошо и Дуле.  Се запишал  средно училиште, дошло времето на групите  Битлси, Иглс, Кинкс, започнал да ги  слуша нив,.

Тогаш многу беше популарна мексиканската музика. Ме викнаа  да свирам Петре Давчев и Петре Костов, откако нивен член отиде војска. Не знаевме ништо од песните, па одевме на  кино да го гледаме филмот и по пет шест пати, се додека се дава  само за да ја научиме. Такво беше времето.  Така се формира групата Санта Морено, таа е првата каде сум членувал. Бевме дел од ансамблот Керамичар, ама пеевме мексикански песни по пет – шест на концерт.  Ја свиревме Ла Бамба, Бесаме мучо. Тоа е времето на Мањифико, кога тие беа најпопуларни,  ние започнавме да свириме – додава Џгуров.

Ова било крајот на 60-тите кога тој заминува во војска. По враќањето групата која ја водел Иле Јанев  Бандулата го поканува да свири со нив.  

Многу сум му благодарен на Бандулата, Тој ме врати на сцената, на  бината. Свиревме во Офицерски. Некако во тој период ни замина пеачката и од Скопје ни ја понудија Ружица до Струга, која одма се вклопи во групата. Носеше фармерки, ама не смееше така на сцената. Мораше во фустан.  Иле и даде бас гитар и вика Ружице ти ќе свириш, таа вика ами јас не знам, но бргу научи.  Тоа беше групата во која беа Орце `Ржар, Панче Тевчев,Иле, јас.. – вели Крсто.

По овој период доаѓа до пресврт во неговата кариера, кога мексиканската музика, шпанската не се бара толку, под напливот на поп музиката се слушаат други песни. Тој период започнува нов  лист во велешката музичка сцена, кога се отвора мотелот на Лозар 1972 година.

Составот на групата која го отвори овој тогаш танц локал  биле Ружица, Бранко професорот, Иле, јас Крсто,Орце `Ржар или од почетните букви  РУБИКО.  Под ова име настапувавме 4-5 години, секој ден освен понеделник. Од 7 до 12 саатот. Гужва не можеше да се влезе. Почнувавме со песна авизо, облечени во униформи, точно во една минута до седум.  Само што почнувавме да свириме, започнуваа да играат. Свиревме лесен рок, забавни. После излезе спортска среда, па тој ден беше слободен наместо понеделник. Идеа гости од цела Македонија.    Така беше до 1976 година.  Меѓу гостите имаше и присутни Германци кои ја градеа Топилница. Во еден до тие инженери се заљуби во Ружица и понуди брак. Таа беше во дилема, јас и велам, Ружице музиката еден ден ќе заврши,  и јас ќе си одам, ако го сакаш мажи се.. и си отиде за Германија – објаснува Џгуров.

Бидејќи бил невработен во овој период му доаѓа покана  за работа во Порцеланка. Три месеци работел, ама кога почнал да оди во смени, се откажал, музиката била посилна од се. Замена за Ружица била велешанката Лилјана, сега негувателка во градинките. По некое време дошла нова картичка за работа во тогашен Југопетрол.

Иако и таму поради обврските кон работата, не можел да свири, не одел. Ама управителот, познат како Бато Риле, му се јавил да праша зошто не доаѓа, и успеал да го убеди да се врати нас работа, но и да може да свири со групата. Така било се до почето0кто на 80-тите кога завршува и оваа негова музичка фаза. 

Музиката ми се чини дека ми е душевна храна за мене. Не можам да живеам без неа. И во најново време, со компјутери пак работа, матици, програми. И на овие години не ја напуштам. Тоа е влезено крвта и не излегува. Многу имам свирено по кафени,свадби. Може  сега откако сум во пензија да се свири староградски песни, евергрини, тоа ќе биде од мене. Колку да се истушам. Не можам да ги заборавам Три сомбреро со Миле и Пенчо и двајцата сега покојни, Негрос...   – вели Крсто. Тој е пензионер од први септември, но не во музиката. Таа е негова животна преокупација. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »