Петар Печков
Објавено: среда, 30 август 2017
Во ликовниот салон во Велес, вторникот навечер беше отворена изложба “Круг и квадрат“ на академските ликовни авторки Петра Јовановска и Валентина Илијевска.
На јавноста и се преставени 23 дела коишто се работени во комбинирана техника со нагласена употреба на колажот, графиката и дигиталниот принт.
Двете авторки ги претставуваат своите концепти и истражувања во рамките на современиот визуелен израз базиран на дигиталната технологија и геометризирана структура, движејќи се по скалата од симплифицирани решенија до сложено структурирани композиции.
Двете авторки преку нивните дела ги преставуваат нивните истражувања. На Илијевска повеќе и лежи квадратот додека на Петра се позиционира на кругот. Со двете авторки имаме постојана комуникација, ги следиме што работа, творат. Така по Куманово, Струмица сега е на ред велешани да го видат творештвото на овие две авторки –рече Роберт Цветковски историчар на уметност, директор на Центарот за култура ,,Трајко Прокопиев,, од Куманово.
Изложбата се реализира во соработка со Музејот на град Велес и НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ - Куманово којшто е организатор и координатор на проектот.
Подолг период го истражувам кругот како геометриски облик. За мене има голема симболика, кругот е целина, има почеток но без крај. Некаде кругот преовладува, се обидувам да се оттргнам од него, но тешко оди а потоа ќе преминам во друг геометриски облик, коцка, триаголник. Не знам кај ќе отидам -рече Петра Јовановска.
Таа е родена во Јесеник - Чешка, дипломирала на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје, отсек графика. Има реализирано голем број на самостојни изложби и учествувано на повеќе групни изложби и колонии во земјата и странство.
Ова е патувачка изложба, дојдовме во Велес. Со колешката сме во комуникација со години, слични сме по сензибилитет. Јас сум претставена со симболот на квадратот, дводимензионална слика – рече Илијевска.
Валентина е родена во Скопје, живее во Куманово дипломирала на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје, отсек графика и графички дизајн. Магистер на конзервација и реставрација на ѕидно сликарство. Има реализирано голем број на самостојни изложби и учествувано на групни изложби и колонии во земјата и странство.
Изложбата во Велес ќе биде поставена десетина дена.
Tweet |