Петар Печков
Објавено: петок, 22 ноември 2019
Во Македонија се прават опити дали може да се одгледува земјоделската култура стевија, која преработена служи како природен засладувач без калории. Осум земјоделци на различни предели од земјава, на по еден декар пролетва засадија а деновиве треба да извршат и косење на првиот род од стевијата. Ова е пробно одгледување, преку проект на Министерството за земјоделие а финансиран од ЕУ.
Имајќи ги во предвид климатските и почветните услови во Македонија од многу можни култури, кои можат да бидат замена за тутунот, баравме најприближни, одгледувачите да немаат дополнителен напор за набавка на механизација, да можат да ја обработуваат заменската култура со механизација со која располагаат. Стевијата е нова култура на подрачјето на Македонија, не е одгледувана организирано - вели Златко Арсов редовен проф. на Земјоделски факултет катедра за специјално полјоделство и тутун, вклучен во проектот.
Во проектот се вклучени 35 земјоделци одбрани преку оглас на кои се пријавиле 80-тина заинтересирани, сите на по еден декар со различни култури, некои со афион, други со коријандер, има и со анасон. Осум земјоделци одгледуваат стевија, ги има во Прилеп, Радовиш и двајца во велешко Долно Врановци и во село Иванковци. При изборот бил земен во предвид да биде во различни региони, некои да биде сушен, друг со наводнување. Во велешко еден од одгледувачите е Зоран Начевски, земјоделец од Долно Врановци.
Ова е прва година и се уште учиме. Расадот ни го донесоа од Шпанија. Машински го засадивме, имаме машина за тутун која се покажа практична, бидејќи може да се засадува. Два до три пати машински ја скопав, потребно е наводнување и кога порасна од 35 см висина врвовите ги поткастрив, за да се шири како жбун. Сето тоа го сработив и сега сум пред косење, но поради убавото време ја оставив. Ќе видиме како коренот ќе реагира зимава на ниски температури оти во Шпанија ни кажаа дек на -5 може да измрзне. Згора на тоа годинава имавме суша, така што не знам, како ќе реагира стевијата, оти таа сака вода - вели Начевски, кој одгледува детелина и жито -пченица и јачмен.
Во рамките на обуката бил во Шпанија на семинар и во пракса видел примери како се одлетува, преработува, суши. Таму наишле на одгледувач, поранешен адвокат, која имал плантажа од 350 декари и немал допирана точка со земјоделието, но откако добил покачен шеќер во крвта и почнал да одгледува стевија, која е лек за оваа болест и се префрлил на нејзино одгледување а адвокатурата ја оставил.
Културата стевија е скапа на светските берзи а во домашните аптеки цената на 100 грамско обработено пакување се движи од 250 до 500 денари. Најголеми светски производител се Индија, Кина и Пакистан.
Листовите на стевијата се употребуваат како засладувачи во напивки и прехранбени производи. Се добива целосно природен засладувач без калории. Се препорачува во исхраната на дијабетичари како замена за други засладувачи, кои во нивната исхрана се забранети. Гликозидите на стевијата го намалуваат чувството на глад и со тоа влијаат врз регулирањето на телесната тежина.
Tweet |