Петар Печков
Објавено: петок, 18 декември 2015
Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложбата на фотографии насловена „Замоци, дворци и споменици на УНЕСКО во Република Чешка“.Изложбата содржи 21 фотографија, 12 фотографии со споменици на УНЕСКО и 9 фотографии со замоци и дворци во Република Чешка .
Преку фотографиите посетителите можат да се запознаат со културното и историско наследство на оваа држава, бидејќи ги содржи најрепрезентативните градби и природни убавини во Република Чешка. Секако посебно место заземаат спомениците кои се впишани во листата на светско наследство на УНЕСКО и на посебен начин ги запознава посетителите со природата, минатото и културата. Изложбата ја отвори чешкиот амбасадор Мирослав Рамеш.
Во овој турболентен период на живеење, сакавме да Ви подариме подарок пред Вашите празници. Треба да се одмориме од бурните времиња и затоа оваа поставка, која е мала но го покажува нашето големо културно наследство. За вашите граѓани ова е еден позитивен момент пред новогодишните празници. Во овие замоци се снимаат филмови, тв серии и се многу познати кај нас но и во светот - изјави амбасадорот Рамеш.
Тој потсети дека Чешка изобилува со замоци и споменици, а 12 од нив се заштитени и од УНЕСКО. Директорката на Народниот музеј од Велес, Елица Николова потсети дека ова е уште една изложба во рамки на манифестацијата „Велес-Град на културата 2015“.
Приказните за замоците и дворците раскажани преку записите на фотографиите доближуваат еден период од средновековната историја на Чешка т.н. мрачен период во Европа, период на непријателства, војни и рушења, но и период на изградба на прекрасни објекти кои воодушевуваат со начинот на својата градба и монументалност и кои денес се заедничко културно наследство во светски рамки - изјави Николова.
Tweet |