речник контакт

Купете си навреме билет за вселенски туризам

Секој кој има 200 илјади долари и желба да ја напушти Земјава барем на два ипол часа, ќе може да им се придружи на првите цивилни астронаути и да биде дел од историјата. Лиценцата за Балканот ја има Хрватската агенција ,,Уликс,,

Петар Печков

Хрватската патничка агенција Уликс е единствената во Хрватска и во регионов и една од 35-те во светот кои се акредитирани од компанијата Вирџин Галактик, инаку, дел од големата британска корпорација Вирџин, која организира вселенски туристички патувања. Секој кој има 200 илјади долари и желба да ја напушти Земјава барем на два ипол часа, ќе може да им се придружи на првите цивилни астронаути и да биде дел од историјата.

Анџелко Чалушиќ, Славен Бонковиќ и Тамара Будијак се тројцата акредитирани агенти за продажба на вселенските летови кои ги организира Вирџин Галактик, како дел од британската корпорација Вирџин. Станува збор за проект кој би требало да стартува во 2013 година.

 Кога го проучувавме проектот, не го проучувавме на тој начин да го гледаме исклучиво профитот. Тие патувања се скапи и веројатно на почетокот мал број на луѓе ќе имаат доверба да бидат дел од него. Ако сe оди според планот, првото патување би требало да биде реализирано во 2013 година. Она што сега е во тек е букирањето на места, објаснува Анџелко.

Меѓу првите петстотини патници, и хрватски бизнисмен

Засега е формирана група од првите петстотини личности кои ќе одат на пат во вселената, односно, досега, за патувањето уплатиле 500 луѓе. Се уплаќа или дел од депозитот или целата сума, со тоа што, доколку се уплати целиот депозит, се оди повисоко на листата на чекање. Во групата од првите сто, се прави селекција за првите шест патници. Засега, со сигурност се знае дека меѓу првите шест патници ќе биде Ричард Бренсон, основач на Вирџин групацијата, кој со својот пример сака да покаже дека станува збор за апсолутно безбедно патување. Меѓу првите патници треба да биде и Стивен Хокинг, најголемиот жив физичар, човекот кој свемирот и го приближи на светската популација, еден од најголемите умови во претставувањето и промоцијата на свемирот и на некои законитости кои тој ги носи. Овој професор по астрономија на Кембриџ е тетраплегичар, кој се движи со количка, а комуницира служејќи се со компјутерска синхронизација на гласот, но и покрај тоа, најголема желба му е да отпатува во вселената. Меѓу првите патници ќе биде и човекот кој го проектираше леталото, Бут Рутар, како и други познати луѓе на кои одењето во свемирот ќе им биде една точка на пресврт која ќе им помогне сето тоа што го проучувале за свемирот, да добие појасна слика. Бренсон неодамна објави дека актерот Ештон Кучер е 500-тиот патник во вселената кој си резервирал место за 200 илјади долари.

Што се однесува до регионов, познат е и првиот Хрват кој ќе патува во вселената. Тоа е сплитскиот бизнисмен Јурослав Буљубашиќ. Се уште не се знае кој ќе биде првиот Македонец, Србин, Босанец. Анџелко и неговите соработници ги повикуваат сите оние кои се заинтересирани и сакаат да бидат дел од ова да се обратат во нивната агенција Уликс за да ги добијат сите потребни информации.

- Ние сме овластени на секој кој е заинтересиран да му дадеме максимални информации. Оние кои побргу се одлучуваат се, нормално, луѓе кои имаат пари, но, дефинитивно и луѓе кои веќе размислувале за таа идеја и кои веќе сега живеат со полни гради, уриваат бариери и препреки, кои се активни, го сметаат животот за една голема авантура и на кои ова би им бил само логичен след во животот, вели Анџелко.

Кај нив веќе се јавуваат заинтересирани за овие патувања од Србија, а тие се подготвени, доколку е некој заинтересиран, да дојдат и во Македонија за да ги дадат сите потребни информации.

- Уплатите за патувањето одат директно на сметката на Вирџин. Ние ги поврзуваме Вирџин и клиентот, а Вирџин, со целиот свој имот гарантира за безбедноста на летот и стои зад овој проект, велат од Уликс.

Инаку, проектот на Вирџин Галактик е еден историски проект, историски момент, кој ќе ја отвори ерата на вселенскиот туризам. Во овој регион, освен хрватската агенција Уликс, акредитирани агенти за продажба на вселенските летови има само уште во Чешка и во Австрија.

Безбедност на проектот

Во целиот проект, голем акцент се става на сигурноста, па не може да се случи да се забрзува на нејзина сметка. На нашите простори, вели Анџелко, ретко можете да најдете некој бизнисмен кој ќе застане зад она што го прави, како што е тоа во случајов со Ричард Бренсон. Тој е британски бизнисмен кој поседува повеќе од 350 авиокомпании во рамките на неговата Вирџин Ерлајнс, а неговото богатство се проценува на 7,8 милијарди американски долари.

Освен Вирџин Галактик постојат и неколку други компании што планираат да понудат летови во вселената, но моментно најпозната е токму компанијата на Ричард Бренсон. Тестирањето на леталото е во завршна фаза, а во компанијата се раководат од високи безбедносни стандарди за да бидат сигурни дека се ќе биде во ред кога нивните клиенти ќе полетаат.

Станува збор за летало кое веќе било во вселената, значи, не е идеја, туку конкретна работа. Врз основа на тоа летало се изработува комерцијалното летало со кое ќе патуваат вселенските туристи.

Инфо за летот

Патувањето, кое чини 200 илјади долари, трае вкупно два ипол часа. Од нив, 4 минути во бестежинска состојба.

Летот ќе се одвива со вселенското летало „спејс шип 2“. Носачот е веќе направен, а направени се и неколку пробни летови. Во 2004-та, вселенско летало со помали димензии, „спејс шип 1“, веќе бил три пати горе, на висина од 110 километри што официјално се смета за почеток на вселената.

Летот до 50 илјади стапки започнува во тишина и исчекување. По одбројувањето ќе почувствувате сила која ќе ве залепи за седиштата, ќе го слушнете звукот на моторите, а забрзувањето кое постигнува брзина три пати поголема од брзината на звукот ќе ве исполни со единствено чувство на воодушевување. Додека летате до работ на атмосферата, низ прозорецот ќе забележите како бојата на небото се менува од сина во црна. Тогаш знаете дека доаѓате во свемирот. Во моментот кога моторите ќе се изгаснат, ќе ја забележите тишината, а гравитацијата ќе исчезне. Тогаш можете да се ослободите од седиштата и едноставно да одлебдите до прозорецот за да го видите призорот за кој многумина само сонуваат. Едноставно, гледате во планетата обвиткана со син плашт за која знаете дека е вашиот дом. По враќањето во седиштата и гравитацијата почнува да делува. Пилотот најавува враќање дома. По враќањето, знаете дека животот повеќе никогаш нема да биде толку мирен и спокоен.

Перформанси на леталото

Кога леталото се враќа на Земјата, неговите крила можат да се подигнат за 90 степени. Тие го забавуваат и овозможуваат леталото под кој било агол да влезе во земјината атмосфера. При влегувањето назад во атмосферата, крилата се враќаат во аеродинамична положба и леталото се спушта како едрилица, без гориво. Што се однесува до сигурноста на самиот мотор, важно е да се нагласи дека тој може, во кој било момент да биде исклучен. Контролата на дотокот на гориво не му е препуштена на случајот туку е под контрола на пилотот. Значи, ако се случи некој проблем при полетувањето и лансирањето на леталото, тој може да го исклучи дотокот на гориво и може сигурно да слета како едрилица на земјата. Горивата се максимално прифатливи што се однесува до зачувување на средината и до загадувањето и тие горива многу помалку и штетат на атмосферата. Кога ќе се покрене целата индустрија, нема да ја загадува атмосферата повеќе од просечен авион кој го користи воздушниот простор, објаснуваат Анџелко и Славен.

Инаку, кога летовите еднаш ќе почнат, редот на летање би бил многу редок, односно, би се летало еднаш неделно или еднаш на две недели, а леталото може да превезува шест патници и двајца пилоти. Вирџин Галактик има во план да однесе во вселената 50 илјади луѓе во првите 10 години.

Ентузијасти без профит

Агенцијата Уликс е основана во 2001 година и во меѓувреме станала една од водечките компании во авиопрометот во Хрватска, а од пред неколку години почнала и со организирање деловни патувања. Но, она што најмногу го радува основачот на Уликс, Анџелко Чалушиќ и неговите најблиски соработници, е токму акредитацијата за продажба на вселенските туристички летови на Вирџин Галактик.

За да се случи тоа пресудна беше нашата посета на канцелариите на оваа компанија во Лондон, каде што се најавивме, чукнавме на врата и рековме: иако сме од просторите на поранешна Југославија, вашата идеја за туристички патувања во вселената, едноставно, не смее да не заобиколи и ние сме подготвени да направиме се за да ја добиеме акредитацијата. Тоа значеше дека не ни е важна провизијата, дека не ни се важни парите, туку ни е единствено важно да учествуваме во тој историски момент. Целиот профит кој ќе го оствариме од овие патувања, веќе направивме договор да оди за детското СОС село. Требаше само да го вложиме нашето време, нашиот ентузијазам, енергија и да се претставиме на начин со кој ќе ја здобиеме нивната доверба, дека можеме да се најдеме во нивните идеи и вредности и дека можеме да ги претставуваме во Хрватска и во регионот, вели Анџелко.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »