речник контакт

Купишта смет по бреговите на реката Вардар, шут кон Саботната вода

Дел од велешани покажуваат ниска граѓанска свест. Општинските власти најавуваат големо пролетно чистење

Петар Печков

Лоша слика  на влезот во Велес, од Штипско џаде. Веднаш после Железниот мост, купишта смет по бреговите на реката Вардар.   Дел од жителите на овој дел од градот  сметот го фрлаат на отворено, наместо да го оставаат да го соберат велешките комуналци.  Нивните сограѓани се огорчени од несовесните соседи.

Ова е срамна слика за град кој се фали дека има висока еколошка свест. Секојдневно минувам тука и сум  сведок на ѓубрето кое наместо во кантите за отпадоци, завршува покрај брегот. Имаше тука контејнер, откако го снема се создаде оваа дива депонија – вели велешанец кој живее во близина и е сведок на расфрланиот  смет.

Истото мислење го имаат и стотици негови сограѓани кои редовно ја минуваат оваа делница во градот. Наместо да исчезне, таа само се влошува и количеството  ѓубре се зголемува. Слична е состојбата и близу Градскиот Пазар и под  Стариот мост, диви депонии од смет.  На идентична слика се наидува ако се оди кон познатата Саботна вода, близу Дервенскиот поток. За таму да се стигне мора да се мине низ Потокот. По последните куќи од ова населба, започнуваат и  купиштата градежен смет, кои ги има се до Саботната вода, под Дервенскиот мост.

Сведоци сме како секојдневно тука минуваат лица кои превезуваат шут. Иако не смеат тука да го оставаат, без срам го исфрлаат. Целиот потег на патот во должина од еден километар е освоен со  смет – велат жителите на населбата Потокот.  Локалната власт најавува големо пролетно чистење на градот а за поубава слика и почиста средина, вработување комунални редови.

Имаме сериозен проблем со дивото одлагање на отпадот, сметот, шутот. За прво време ќе имаме едукативно влијание врз граѓаните. Потоа ги повикувам на соработка еколошките друштва, да изработиме проекти за почист град и подигнување на јавната свест. Просторот кој е посочен како  пример, беше исчистен пред еден месец, и еве сега повторно се создала депонија. Исто е под Стариот мост.  Планирам голема еко акција на пролетно чистење на Велес, пред Велигденските празници.  Тоа ќе биде голема акција на генерално  чистење на бреговите на реката Вардар, на езерото Младост – најави градоначалникот Чадиев.

Но несовесни граѓани освен што ја загадуваат средината, го загадуваат и реката Вардар. При неодамнешната акција на нуркачи под Железниот мост, кои работеле за  нивни потреби, тие забележале дека овој дел од реката, корито е гробница  за стари автомобили. Во реката, по дното имало голем број на  каросерии од автомобили, кои се огромна опасност  за луѓето.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »