Петар Печков
Објавено: понеделник, 13 февруари 2017
Се побројни се реакциите на велешани, од бројните кучиња скитници. Нив ги има секојдневно во централното подрачје на градот, но и по останати делови од Велес. Посебно биле агресивни во утринските и вечерни часови. За ова сведочат и вработените кои рано наутро и доцна навечер доаѓаат дома.
Работам во центар, кај споменикот кај коњот. Наутро кога доаѓам е многу страшна глетка. Глутница кучиња, можеби десетина. А сите се заедно и каде оди едното таму и другите. Лаат доаѓаат до нас, се борат меѓу себе, крварат. Опасно е. Немам видено дека некое каснало човек, но верувајте страшно е, се плашам и јас и другите сограѓани. Ова е воедно и грда слика на градот. Мора Општината да преземе нешто, безбедноста на луѓето е пред се – вели велешанка.
Слична реакција има и од други делови на Велес. А дека има каснувања од кучињата, потврдуваат од велешката Болница, од каде не можат да кажат точна бројка.
Континуирано имаме пациенти, кои доаѓаат бидејќи се каснати од куче скитник. Зборувам за кучиња, кои немаат обележје, маркица и не е познато дали тие се вакцинирани. Поради ова мораме да ги заштитиме граѓаните и да примат инјекција – изјави примариус д-р Славица Трајкова началник на Инфективното одделение при ЈЗУ Општа Болница Велес.
Казнувањето од кучињата скитници пак дава можност, граѓаните да ја тужат локалната власт и за тоа да добијат обесштетување. Ова се има случено, па поради тоа средства наместо да се реши проблемот со кучињата скитници, се одлеваат за обесштетување на граѓаните. Општина Велес е свесна за проблемот со кучињата скитници и објаснуваат дека активно работи за изнаоѓање решение прифатливо за сите.
Досега за овој сегмент беше задолжена Ветеринарната станица. Тие вршеа заловување на кучињата, нивно третирање и повторно враќање во средината од каде биле заловени. Договорот кој го имаме со оваа институција истекува за многу краток период. Наскоро ќе се знае дали тој договор ќе биде продолжен или пак проблемот со кучињата скитници ќе се решава на друг начин. Општина Велес ја следи состојбата. Се разменуваат искуства со останатите локални самоуправи и со надлежни институции во обид да се најде поповолно решение. Во секој случај нема да дозволиме ситуацијата која ја имаме во градот да се влошува, напротив очекуваме брзо да се разреши – изјавија од локалната власт. На решавање овој проблем работат и членовите на Здружението за заштита на животните ,,Гласот на животните,,.
Имаме згрижено 100-тина кучиња и мачки бездомни животни. Но за жал немаме можност за повеќе, оти некои наши неодговорно сограѓани чуваат домашен миленик и по некое време го остават на улица. Така се регрутираат овие животни кои ги гледаме по градот. Мора да се застане на пат на оваа лоша навика домашните миленичиња да завршуваат на улица. Човекот е единствен причинител за ситуацијата со бездомни кучиња – велат од Здружението.
Tweet |