Петар Печков
Објавено: недела, 10 декември 2017
Ако е познато дека Стефан Гајдов (Велес, 8 јуни 1905 - Скопје, 17 јули 1992) беше прославен македонски композитор, диригент и педагог од првата генерација македонски музички дејци, малкумина знаат дека тој во неговите млади години цртал архитектонски цртежи.
Овој податок со јавноста го сподели Вера Глушкова, која е снаа во ова фамилија, сопруга на Ангел Глушков познат велешки гинеколог, кој е починат. Доказот за ова откритие се наоѓа во една од собите на прекрасната куќа, која е во близина на црквата Св. Богородица, кај Читкушева чешма.
Проектот на куќата на Глушкови е нацртан лично од Стефан Гајдов, велешанец, кој подоцна стана познат македонски музичар на класична, сериозна музика. Проектот и ден денес го чувам, во рамка, како Гајдов планирал и како си извела, изградила куќата. Ја граделе најдобрите мајстори во тоа време. Мојот свекор Лазо бил мераклија и сакал да има најубава куќа во градот – објаснува Вера.
Нејзиниот свекор бил вреден човек, кој се бавел со трговија, често патувал по Европа. Сакал дел од неа, од ,,старата дама,, да донесе во родниот град Велес. Бил трговец со брашно, работел со афион, но имал и многу лозја, кои ги купил откако Турците заминале од градот.
Поради ова имал бочви кои биле за осум илјади литри вино. Проектот е цртан и куќата е градена во 1928-ма година. Во оваа година, според Вера биле изградени и куќите на Ѓоргови и на Шукареви. На куќата од Глушкови се забележуваат прекрасни декоративни елементи, кои ги има на сите четири страни. Тие биле специјално изработени во фабриката на Лефкови ,,Вила Зора,,.
И денес стојат носачите за балконите, оградата, кукли и ангелчиња на влезната врата. Има цветови, листови. Поради ова често луѓе кои се надвор од Велес, уметници, странци, кога минуваат ја погледнуваат, посетуваат и прашуваат за куќата. И задолжително ја фотографиираат. Фасадата е посебно впечатлива. Во дворот од куќата се снимани и фолк спотови – додава Глушкова.
И денес останала бојата на куќата иста како и тогаш која е изградена, жолта. Оти токму тука е опеаното Влашко маало, со жолти куќи високи. А куќата е на ул. Јордан Хаџи Константинов Џинот бр. 41. По национализацијата во 1948, куќата добива дел нови станари, кои поткровјето го преуредуваат по што е изгубена автентичност. Во 1955-та куќата е вратена на Глушкови. По теркот на оваа куќа се изградени и неколку други на улицата. Во куќата има огледало кое е мошне старо.
Мојот сопруг раскажуваше дека неговиот татко купил огледало, кога се градела куќата. Тогаш било старо сто години и сега уште 90, старо е без малку два века - заврши Вера.
Tweet |