Петар Печков
Објавено: недела, 18 март 2012
Семејната куќа на Маџовски од Велес е единствена во градот и Македонија, за пошироко не е познато, но сигурно е дека го привлекува вниманието на минувачите. Секој поглед кон неа, поради шаренилото, се доживува различно. Причина за тоа се илјадниците порцелански плочки со кој е обложена фасадата, но нив ги има не само на надворешноста туку и во внатрешноста. Куќата е градена долги години, три децении, трпеливо од рацете на главата на семејството таткото на Маџовски, сега починатиот Јордан .
Татко ми ги собираше плочките кои тогашната фабрика ,, Порцеланка,, ги фрлаше како отпад поради грешка или затоа што биле скршени и оштетени. Одеше таму со години и така плочка по плочка, како ја градеше куќата, така ја лепеше фасадата. Откако заврши однадвор, започна да ги лепи и во внатрешноста, по ѕидовите од собите – вели Роза Маџовска ќерката на Јордан, која сега живее во неа. Куќата се наоѓа на најдолгата велешка улица Вера Циривири број 74, во месноста позната како Потокот. Таа предизвикува интерес за секој минувач, никој не е рамнодушен на глетката што се пружа.
Куќата започна да се гради во 1961-та, кога дојдоа од Крива Паланка. Роза која живее сега сама во неа, тогаш не беше родена. Јордан беше продавач во Велеспром и одеше до отпадот на Порцеланка секојдневно и од таму собираше материјал за да го гради домот, за него и неговите деца. Таков човек беше што на едно место не можеше да биде, беше постојано во движење – вели сосед која е сведок на создавањето на куќата на Маџовски. Куќата поради плочките кои се облепени по ѕидовите од собите е ладна и е природен клима уред во лето, но затоа во зимо треба повеќе греење, бидејќи тешко се загрева.
Не знам од каде му беше идејата на татко ми, но знам дека го убедувавме да не го работи ова, да не ја облепува фасадата со порцелански плочки. Со фиќото кое го имавме, со него го носеше материјалот. Колку километри мина до отпадот и назад, секојдневно е тоа е огромна траса и должина – вели Роза.
Има повеќе од илјада плочки, со оглед на големината на површината и куќата. Таа и самата не знае колку плочки се , но знае дека е тешко да се одржува бидејќи мора постојано да се бришат и објаснува дека поради заморот и се случува да ги брише со денови.
Толкава куќа да се одржува е тешко и напорно, а сам човек не може баш многу – рече Роза на испраќање. Иако невработена и социјален случај, таа успева да ја одржува во одлична состојба.
Куќата ма Маџовски е една од знаменитостите на Велес, резултат на новото време, не е со вредност како старите со карактеристична архитектура како на Габерови, на Аликара, на Ѓоргови, Кушеви или Шукареви, но сепак е објект кој не може да се одмине, прескокне, заборави. Судбината не ја милувала сопственичката на куќата Роза Маџовска. Таа во неа живее сама. Двата ката и повеќето соби се уредени со домашни апарати и покуќнина, кои се купени од времето кога родителите биле живи и имало добра живеачка. Откако сестрата и братот се одомиле заминале, таа останала сама во куќата на адреса Вера Циривири број 74, во месноста Потокот. Самотијата и невработеноста ја убиваат оваа четириесет и деветгодишна велешанка.
Тешко ми е да живеам сама тука без работа. Се оболев. Лани трчав да ги обезбедам документите за социјалното за пре регистрирање. Давав пари во катастар, во матично, еден куп документи кои вредат колку половина парична помош што ја добивам. Имам десетина години стаж што работев ваму таму. Како за беља од една фирма во Неготино ми ги пушти парите од 2009-та во јануари 2010. И сега документот од УЈП покажува дека јас имам приход за ланската година, иако не работев никаде ама парите тогаш легнале на моја сметка и сега ќе ме одбијат. Како ќе ме биде без социјално – низ солзи објаснува Роза.
Од некогашното добро ситуирано семејство, остана продавницата на долниот кат, која сега десетина години е празна а рафтовите собираат прашина.
Tweet |