Петар Печков
Објавено: вторник, 04 декември 2012
,,Среќна Нова година,, е песната која деновиве поп рок групата Ла Манш од Велес ја сними, наменски за претстојните празници. Така велешани се вратија на македонската музичка сцена по 17 години пауза. Автор на музиката и текстот е Роберто Панчевски, аранжманот е на Ла Манш, снимена е во студиото „Анастасија“ во Скопје. Ла Манш ја сочинуваат Роберто Панчевски, Роберт Трајков, Борче Стојанов и Владимир Тевчев, кој беа дел од првата постава.
Песната се роди сосема случајно. И по распадот на групата, ние останавме пријатели и многу често се дружевме, споделувајќи спомени од тинејџерските години, кога активно настапувавме. На една таква средба, повеќе на шега, се договоривме да снимиме нова песна. Но шегата стана стварност. Снимањето беше многу забавно и несекојдневно искуство. Беше интересно да се собереме во студио после толку години и забележавме дека жарот кој го имавме пред дваесетина години, не исчезнал. Секој од нас има своја кариера, кој во професорските, кој во адвокатските, кој во лекарските, кој во новинарските води и сигурно не планираме сериозно да се занимаваме со музика. Но, кој знае што може да се случи во иднина – велат членовите на Ла Манш.
,,Среќна Нова година,, е нова песна после 19 години од последното студиско издание, кога во 1993 година го издадоа вториот и последен албум. Ла Манш активно постоеше од 1990 до 1995 година, период во кој сними два албуми „Јас и ти“ (1991) и „Напиј се за нас“ (1993). Во тој период, од почетокот на 90-тите Ла Манш беше една од најпопуларните групи во Македонија, која многумина ја споредуваа со мега популарниот бенд од екс-ју просторите „Црвена Јабука“.
Tweet |