Петар Печков
Објавено: четврток, 28 јуни 2018
Минатата година 32 деца од велешко дошле во судир со Законот, дел од нив се и повеќекратни прекршители. Врз основа на известувањето во однос на поведени постапки од страна на СВР Велес за 2017 година се регистрирани 15 сторители на кривични дела -деца спрема кои e покрената кривична постапка и 14 сторители -прекршители на јавниот ред и мир -тепачки и караници, спрема кои е покрената прекршочна постапка. Ова се бројките кои се запишани во годишниот извештај на Локалниот совет за превенција од детско престапништво за Општина Велес.
Врз основа на добиените податоци за 2017 година може да се констатира дека бројот на деца кои дошле во судир со законот се движи со мало зголемување на бројката на новите пријави. Меѓутоа од деталната анализа утврдено е дека оваа бројка се зголемува со прекршоците од областа на сообракајот и нарушување на јавен ред и мир, додека во областа на кривичните дела нема зголемување. Tоa укажува дека во иднина треба да се делува на подигање на свеста за почитување на сообракајните правила и ненасилно решавање на конфликти и почитување на јавниот ред и мир - пишува во документот.
Минатата година малолетниците не се сторители на потешки кривични дела, како претходните години, убиство, тешки кражби, па поради тоа нема од страна на Основен суд во Велес изречени мерки малолетнички затвор ниту за ВП дом Тетово.
Tweet |