Петар Печков
Објавено: понеделник, 30 март 2015
Извештајот на СВР Велес за 2014-та покажува дека се намалува бројот на нарушувања на јавен ред и мир. Најбројни биле физички напади 144 но тоа е далеку помалку од 2013-та кога имало 198, потоа следи викање, карање 39 па тепачките и чување животни без надзор по 21.
Лани во угостителските објекти имало 27 тепања или физички напад , споредбено со 15-те во 2013-та. Во шест случаи имало присуство на малолетници во кафетерии а во два случаи е регистрирана гласна музика над дозволеното. Најголем број на инцидентите се случиле во Ноктурно и Авангард, а полицијата тоа го препишува на алкохолизираната состојба на гостите. Најмногу поплаки од страна на граѓаните за подолго работење од работното време како и гласната музика се однесува на Булетус, Баварија, Пјур, Акавриус, Мурано. Лани немало ниту еден инцидент на спортските натпревари во општината.
Анализата на МВР во однос на бројот на вработени, покажува дека најчесто се напаѓаат полициските службеници во СВР Велес
Минатата година СВР Велес заедно со Шумската полиција презела 34 акциски контроли, кога биле одземени 334 м3 огревно дрво, а привремено одземени биле едно товарно, 9 патнички и една запрежни кола. Фатени биле 35 сторители и поднесени се 4 кривични и 31 прекршочни пријави.
По Законот за јавна чистота лани има помал број на регистрирани прекршоци во однос на 2013-та 127/217. 28 граѓани прифатиле општо корисна работа, тројца ја платиле глобата а против 108 е поднесена прекршочна пријава. Лани во 48 случаи е констатирано е дека граѓаните не носле лична карта.
Во 2014-та СВР Велес поднел 323 кривични пријави, исто колку и во претходната година. Како потешки кривични дела лани се случени 3 убиства, едно нерасветлено, 5 силувања, едно грабнување, 13 разбојништва. Според МВР едното нерасветлено убиство во Велес , е над жртва лице кое има криминално минато. Во 2014-та се регистрирани 21 случај на семејно насилство спроти 28 во 2013-та. До СВР Велес има 15 поплаки поради употреба на сила од страна на полицајците, при што контролата утврдила дека во сите случаи е оправдана употребата на средства за присилба.
Во однос на сообраќајките на територијата на општина Велс се случиле 331, што е помалку отколку година дена пред тоа со 366. Во населено место имало 138 сообраќајки а на отворен пат 193. Минатата година имало помал број 4 починати, наспроти 7 во 2013. Со тешки телесни повреди лани се здобиле 22 лица. Од загинатите учесници, еден бил возач, еден совозач и двајца пешаци. Минатата година имало десет повредени велосипедисти. Најчеста причина за сообраќајките е не држења на страна.
Во 2014-та имаше серија опожарувања. Во извештајот ан МВР пишува дека оваа појава се прошири на подрачје на СВР Велес каде се опожарени пет возила, од кои три на судии и поранешен претседател на судот во Велес, а можен мотив е упатување закани кон нив или незадоволство од нивното работење
Tweet |