Петар Печков
Објавено: петок, 20 април 2018
Минатата година Општинскиот Буџет не се наполнил според предвидувањата, од продажба на неизградено градежно земјиште. Според Годишниот извшетај за работата на Општина Велес, кој беше пред советниците прибрани се 5,2 милиони денари што е само 10 отсто од предвидените средства.
Во текот на 2017 година по пат на електронско јавно наддавање биле отуѓени вкупно три градежни парцели од кои 1 градежна парцела со намена Г2- лесна и незагадувачка индустрија и 2 градежни парцели со намена А4-времено сместување.
Вкупно прибраните средства изнесуваат 1 839 040 денари, од кои 80 % влегуваат во Буџетот на Општина Велес 1.471.232 денари, а останатите 20 % влегуваат во Буџетот на Република Македонија. Во текот на 2017 година примени биле 107 барања за отуѓување на градежно земјиште по пат на непосредна спогодба од кои решени се вкупно 105 барања од кои се прибрани вкупно 4 569 239 денари, од кои 80 % влегуваат во Буџетот на Општина Велес 3.655.391 денар , а останатите 20 % влегуваат во Буџетот на Република Македонија.
И останатите ставки на полнење на Општинскиот Буџет се со низок процент на реализација. Така надоместокот од концесии за експлоатација на минерални суровини - по простор планирани биле еден милион а реализирани 234.111 или 23,4% а од надомест од концесии за експлоатација на минерални суровини -по минерална суровина планирани биле три милиони денари а реализирани 983.354 што е 32,8%.
Приходите од надомест за долготраен закуп и времен закуп на градежно земјиште се 26,4% или од планираните 500.000 реализирани биле 132.145 денари. Од Надоместокот за утврдување на правен статус на бесправно изградени субјекти собрани биле 28,8% или 5.755.762 од планирани 20 милиони денари.
Преку надоместокот за издавање на согласност и одобрение за потврдување на бесправно изграден објект на земјоделско земјиште планирани биле еден милион а реализирани 10.713 што е 1%. Единствено што минатата година се собрани и повеќе од планираните средства е приход од закуп на земјоделско земјиште во сопственост на државата. Биле планирани три милиони денари а собрани се 4.9 милиони денари со што планот е натрфлен 63%.
Tweet |