Петар Печков
Објавено: вторник, 29 март 2016
Минатата година во Велешко не е регистриран ниту еден случај на бруцелоза кај стоката, информираат од Ветеринарната станица во Велес. До оваа состојба е дојдено врз основа на проверката на терен со испитување крв кај овци и кози.
Бруцелозата која пред десетина години ја десеткуваше стоката во велешко сега ја нема. Тоа се должи на континуираните акции за испитување на крвта кај стоката, евиденција и вакцинација на подмладокот на стоката против оваа болест, како и одличната соработка со сточарите - вели д-р Димче Димитриевски, директор на Ветеринарната станица во Велес.
Годинашото вадење крв за проверка на бруцелоза кај стоката-овци и кози ќе почне во мај иако до лани започнуваше во март. Освен проверка на крв, паралелно ќе се врши и вакцинација против бруцелоза на подмладокот на стоката, а со цел за навремено и превентивно да се заштити од оваа болест - најавува Димитриевски.
Стручните екипи на Ветеринарната станица деновиве започнаа и со годишниот попис на овци и кози за 2016 година во поширокиот велешки регион во кој се вклучени општините Велес, Градско и Чашка. Според нивната евиденција, лани во овој регион биле попишани 45 илјади грла на овци и кози. Испитувањето на крв кај стоката за утврдување на бруцелоза, ќе трае до 2020 година, до кога и треба да се утврди дали оваа болест целосно е искорената кај стоката.
Tweet |