речник контакт

Лани од општинскиот Буџет исплатени 2,67 милиони денари за пријавени 69 каснувања од бездомни кучиња

Граѓаните кои биле каснати од куче скитник, не излегувале на терен да го посочат кучето кое ги каснало.Полицијата пак не постапувала по пријави за кучиња кои на влезовите од градот биле истоварани во Велес

Петар Печков

Минатата година  како оштета на граѓани, каснати од куче,  Општина Велес од Буџетот исплатила 2.673.481 денари. Споредено со 2019-та се бележи раст на исплатата, за  407 илјади денари, но и на број на случаи.

„Службите на Општина Велес во 2020-та година, постапиле по 69 ставки, најголем дел од нив се исплатени со спогодба меѓу оштетениот и општината, а помал дел со тужба до Основен суд Велес. Спогодбената исплата на оштета изнесува 50.000  денари. Во 2019 година, од општинскиот буџет се исплатени 2.266.014,00 денари како оштета на граѓани нападнати-каснати од кучиња скитници. Постапено било по 58 ставки, најголем дел исплатени по пат на спогодба меѓу оштетениот и општината. Во исплатените средства спаѓаат и судски трошоци и адвокати за одредени случаи“ - одговорија од локалната власт по поставеното прашање, колку средства и во колку случаи се исплатени заради каснување на куче скитник во Велес.  

Бројките пак кои се добиени од Општа Болница Велес за минатата 2020-та година, покажуваат далеку помал број на граѓани, кои побарале задолжителна здравствена помош при каснување на бездомно куче.  

„Каснати од куче во 2020 има  вкупно 30 пациенти, од мачка еден  пациент “ беше одговорот од ЈЗУ Општа Болница Велес.
 
Од Пансионот Гиовски тим, кој со Општина Велес има склучено договор за    заловување, стручен третман и грижа на  кучињата скитници, како и на нерегистрираните  кучиња на територијата на општината,  посочуваат дека граѓаните кои биле каснати од куче скитник, не излегуваат на терен да го посочат кучето кое ги каснало.  

„Повеќето од каснатите граѓани не се испаднати на терен со нас за да ни посочат кое куче ги нападнало,  додека  пак  оние граѓани што излегуваат  на терен со нас не можат да препознаат кое куче ги каснало. Само еден случај од каснат граѓанин на општина Велес, го има посочено кучето што го нападнало“ - велат од Пансион Гиовски Тим.    Лани тие згрижиле 108 бездомни кучиња, кои биле здравствено третирани и вратени назад, додека осум кучиња поради лошата здравствена состојба биле еутанизрани.   

Во 2020 година имале  повеќе пријави за кучиња кои на влезовите од градот Велес биле истоварани од комбиња, за што реагирале во полициската станица во Велес .

„Кажано  ни е дека не е нивна надлежност да истражуваат кој ги пушта тие кучињата. По пријави за напуштање на куче каде што е запишана и регистрација на автомобилот од сопственикот, пријавено и до  полиција се уште нема никаква информација  за случајот, кој  е регистриран  и кај ветеринарен инспектор - посочуваат од Пансион Гиовски ТИМ.

За пријавата за ротвајлерот кој напаѓал околу киното,   два месеци  се излегувало на терен  секојдневно  дури и повикани биле и  ветеринари од ветеринарната станица од Скопје, но секое заловување било  неуспешно.  


Во 2020 година од улиците на градот Велес вработениот  во стационарот Виктор Мазнев преку неговото здружение има удомено 120 кучиња во Англија, Франција и Холандија.

Со стационар каде се згрижуваат бездомните кучиња располага здружението „Гласот на животните“ и таму се згрижени повеќе од 120 кучиња скитници од Велес. Овој стационар, во сопственост на невладина организација,  функционира на основа на донации  од поединци и фирми и таму волонтираат членовите на здружението. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »