Петар Печков
Објавено: сабота, 21 април 2012
Секој прв петок после Велигден бројни посетители доаѓаат на вакавското место Црн камен, во близина на Велес. Тука доаѓаат бројни гости кои слушнале за исцелителната моќ на ова место. Но не се само велешани, ги има од цела Македонија, од Скопје, Кочани, Кавадарци, Гостивар. Сите од различни делови на земјава, но сите слушнале за чудната моќ на Црн камен, дека може да се помогне на луѓето во неволја, во мака.
Така е секоја година од вчерашниот ден, петок, се во следните 40 дена, до Спасовден. Меѓу посетителите е и дедо Трајче. Тој секогаш е тука да им се најде на луѓето, да им помогне, да им даде совет но и да ја раскаже приказната за чудната моќ на ова место.
Луѓето тука доаѓаат за здравје. Кога се доаѓа прв пат, под водопадот треба да се мине три пати и водата да го намокри посетителот за да му се исполни желбата. Потоа се зема камен што се чува до следната година. До година повторно се поминува три пати. Се случува водата во сите три обида да бега од некои луѓе, што ќе рече дека се грешни - вели дедо Трајче, кој иако има повеќе од седумдесет години секоја пролет е тука.
По обичај, на околните дрвјата се врзуваат панделки. Трајче вели дека иако ова сега многумина во виделе во турските телевизиски серии, тука на Црн камен тоа било тоа присутно одамнина и тоа го нарекува ,,дрво на желбите,,. Тој посочува примери кога водата бегала од некои луѓе како „ѓавол од крст“, по што посетителите си заминувале плачејќи, бидејќи сметале дека се многу грешни.
Како домаќин на ова место се присетува на многуте брачни двојки што немале рожба, а следната година доаѓале кај водопадот со бебето. Таков беше случајот на како што се претставија Милан и Николина од Штип. Иако биле во брак десет години, немале деца. Слушнале за ова место и минатата година дошле, минале под водите на Црн Камен, а годинава тука беа со двомесечно бебе. Нивната среќа беше бескрајна, што по толку години брак им се оствари желбата брак и добија рожба.
На местото доаѓаа бројни гости, повеќето од нив срамежливи, несигурни, но тие што го почувствувале,,чудото,, храбро зборуваат за тоа што им се случило. Меѓу најредовните посетители што во изминатите години доаѓаат и минуваат под водите на Црн Камен се и скопјаните Милена и Драган. Тие доаѓаат како благодарност што добиле дете, денес десетгодишен Димитар заедно со нив минува под големиот воден слап.
Немавме среќа да добиеме дете иако подолго време бевме во брак. Случајно дознавме дека ова место има исцелителна моќ. Дојдовме и минавме под водопадот. Во следната година добивме син. Сега тој, заедно со нас, секоја година минува под водата - вели Милена.
Во знак на благодарност, момчето го крстиле Димитар, по светителот-заштитник на манастирот „Свети Димитрија“, што е во близина на месноста и кој, според народното верување, треба да се посети за да се исполнат желбите.
Според народното предание, месноста Црн Камен името го добила по еден немил, црн настан што се случил пред речиси многу, стотици години. Многу одамна тука живееле попови и при доаѓањето на освојувачите, сите тие биле заклани, заедно со монасите. Во прилог на ова тврдење е и фактот што стариот град Вила Зора претходникот на Велес, чии тврдини се уште стојат, е во непосредна близина, на стотина метри од Црн Камен. Се верува дека тука имало храм во кој живееле свештениците што службувале во градот, а кои биле жртви на непознати напаѓачи.
Црн Камен е пет километри јужно од Велес. Се наоѓа по манастирот „Свети Димитрија“, сместен во пазувите на ридовите што го скриваат од очите на минувачите. До него води пристапна патека, за чие искачување е потребен голем напор и добра кондиција. Овој локалитет е на картата на значајните македонски места што треба да се посетат поради неговата убавина и водопадот кој е висок педесетина метри. Тука навраќаат и странци што прочитале за оваа природна убавина.
Tweet |