речник контакт

Лекарот на Џексон го одложил повикувањето на брза помош

Од судскиот процес за смртта на Мајк Џексон. Виновен ли е докторот? Што пишува Њујорк Тајмс

Петар Печков

Еден од членовите на тимот на Мајкл Џексон сведочеше во четвртокот дека на денот на смртта на пејачот, го видел Мајкл како лежи на креветот додека неговиот личен лекар му давал вештачко дишење со притисок на градите со едната рака. Тој исто така рече дека лекарот го замолил да стави разни лекови во торбата пред да повика брза помош (911).

Алберто Алварез, директор на логистика на Џексон, вели дека тргнал кон спалната соба на Џексон во неговата изнајмена вила Холмби хилс, кога лекарот на Џексон, Конрад Мари, сфатил дека пејачот изгубил здив откако му инјектирал силен лек.

58-годишниот доктор Мари, кого го судат во Врховниот суд на Лос Анџелес по обвинување за убиство од небрежност и предизвикување на смрт на пејачот, ако биде осуден се соочува со затвор до четири години.

Џексон умре на 25 јуни 2009, на 50 годишна возраст, откако лекарот му даде доза на пропофол, хируршки анестетик кој пејачот го земал за да ја намали несоницата.

Обвинителите тврдат дека Мари бил немарен, прво поради регуларноста во вбризгувањето на анестетикот пропофол во Џексон, а потоа и поради неуспехот да ги следи виталните знаци кај пејачот и веднаш да побара итна помош додека овој умирал.

Адвокатите на Мари, пак, рекоа дека Џексон самиот си ја предизвикал смртта кога сам си земал пропофол, додека Мари се одмарал во вилата на Џексон. Ед Черноф, адвокатот на лекарот, рече дека Џексон исто така редовно примал инекции против болки и од друг лекар, за кој Мари и не знаел.

Черноф за време на неговата почетна изјава рече дека пропофолот, кој вообичаено не се користи надвор од медицински установи, може безбедно да се инјектира во мали дози.

Во четвртокот Алварез рече дека видел како Џексон лежи на грб со отворени очи и уста, додека Мари се обидувал да го оживее. „Кога дојдов во собата тој ми рече дека треба брзо да го однесам во болница, и да викнам амбулантна кола“, рече Алварез.

Потоа Алварез рече дека кога го прашал што се слушува, Мари му рекол: „Имаше лоша реакција“. Алварез повикал брза помош и ги следел упатствата на Мари.

Но, пред да се јави во брзата помош, Мари побарал да му помогне да стави некои лекови во торбата, меѓу кои и грст од ампули кои стоеле на шкафчето покрај креветот на Џексон и кеса со инфузија и уште едно шишенце од сталакот за интравенозно инјектирање.

Алварез рече дека си мислел дека пакуваат лекови за да бидат подготвени да одат во болница. Кога обвинителите во четвртокот му покажаа кеса со инфузија и пакетче со ампули пропофол кои властите го зеле од вилата на Џексон, Ачварез рече дека изгледаат како работите за кои лекарот му рекол да ги стави во торбата.

Обвинителите побараа да се заклучи дека Мари го одложил повикот за брза помош и се обидел да ги скрие лековите, меѓу кои и пропофолот, кој му го вбризгал на Џексон.

Во средата, Мајкл Амир Вилијамс, личниот асистент на Џексон, сведочеше дека откако Џексон во болницата бил прогласен за мртов, Мари го замолил да го одвезе назад во куќата на Џексон за да земе некаков „крем од собата на Мајкл во куќата, за кој тој не сакал светот да дознае“.

Вилијамс рече дека го одбил тој предлог, како и подоцна уште еден кога Мари побарал да го однесе нешто да јаде.

Шефот на обезбедување на Џексон, Фахем Мухамед, сведочеше дека откако Вилијамс му раскажал за разговорот со Мари, решил да не му дозволи на лекарот повторно да влезе во вилата на Џексон.

Мухамед пред судот рече дека пред Џексон да биде однесен во болница, тој влегол во собата на пејачот и го нашол без здив, неговото тело лежело на подот, а лекарот Мари бил над него. Мухамед рече дека лекарот, кој е инаку кардиолог, го прашал: „Дали некој знае да дава вештачко дишење?“

Мухамед рече дека двете постари деца на Џексон - Принс и Париз - стоеле пред собата на татко им и плачеле. Веднаш тој ги одвел во друга соба во куќата.
 
преземено од Њујорк Тајмс - Њујорк

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »