речник контакт

Летово се работи на три проекти во локалитетот ,,Стоби,,

До средината на јуни Стоби го посетиле 7095 посетители, повеќето домашни

Петар Печков

Во Археолошкиот локалитет ,,Стоби,, летово  се работи на реализација на три проекти. Археолошките ископувања во јужниот брод на Старата епископска базилика, конзервација и реставрација на крстилницата и  конзервација на мермерните столбови од балдахинот. Сите трие   се во рамки на програмата за работа на НУ Стоби за 2017 година.

Доистражувањата на Епископската базилика се поврзани со развивање на Основниот проект за нова заштитна покривна конструкција и патеки за движење на посетителите по избраното идејно решение, односно нејзина соодветна заштита и презентација. Од мај започнаа и работите на конзервација и реставрација на мозаикот во Крстилницата – најпрепознатливиот симбол на Стоби, кој е финансиран од Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство кој го доделува амбасадата на САД во Македонија. Во меѓувреме се работи и на конзервација на мермерните столбови од балдахинот врз писцината, што е, исто така, во склоп на овој проект. Третиот проект е меѓународната летна школа за археологија –изјави Силвана Блажевска, директор на НУ Стоби.

Таа посочува дека се завршени ископувањата на комплексот околу Храмот на Изида и археолошките ископувања на источниот дел од горната половина на гледалиштето на Театарот. Планираните активности во врска со конзерваторските зафати на Театарот, пак, како што додава Блажевска, ќе продолжат во втората половина на август.

Осма година по ред на Стоби се организираат и летни школи во соработка со Фондацијата Балканско наследство од Бугарија. Завршија двете работилници за конзервација на керамика и стакло, мозаик и фрески на кои учествуваат 13 студенти од Данска, САД, Канада, Британија, Хрватска, Австралија и Холандија.

Минатата недела започна и летната школа за археологија, на која оваа година има особено голем интерес,  имаше пријавени 20 студенти претежно од Канада и САД. Оваа соработка со Балканско наследство и учеството на странски студенти на разните проекти во Стоби е корисно за развојот на локалитетот од повеќе аспекти. Покрај тоа што придонесуваат за истражувањата и заштитата на Стоби, придонесуваат и за неговата популаризација. Студентите се нашите најдобри амбасадори, бидејќи школите се веќе етаблирани како место каде се добива искуство во теренска работа. Сите наши школи се целосно самофинансирачки, но овозможуваат финансирање на други проекти на установата, додава Блажевска.

Стоби е постојано отворен до 16 часот, но главно сезоната за посета трае од април до крајот на октомври кога е отворен секој ден до 19.30 навечер. Според статистиката на НУ Стоби, до средината на јуни Стоби го посетиле 7095 посетители, од кои 4603 домашни и 2492 странски туристи, што е во благ пораст во споредба со истиот период минатите години.

Секако дека театарот, базиликите, мозаиците и Храмот на Изида се најпривлечни за туристите, но сметам дека кога би се реализирал проектот за Центарот за посетители ќе се зголеми интересот и бројот на туристи - вели Блажевска.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »