Петар Печков
Објавено: сабота, 20 јуни 2015
Утре , недела , на 21 јуни, во 18 часот и 38 минути, на 171-виот ден во годината, на северната полутопка и во Република Македонија почнува летото. Летото ќе трае 93 дена и ќе заврши на 23 септември во 10 часот и 21 минута (по средноевропоско време кое е официјално и во Македонија), кога на северната полутопка ќе почне есента.
Денот кога започнува летото ќе биде најдолгиот ден во годината, летен солстициум, а на јужната пак, ќе биде најкраткиот ден. Така, Сонцето во Велес ќе изгрее во 4 часот и 59 минути, а ќе зајде во 20 часот и 12 минути. Денот ќе трае цели 15 часа и 13 минути, а ноќта само 8 часа и 47 минути. Веќе од понеделник 22.06, деновите ќе почнат да се скратуваат за по околу 2-3 минути, а за сметка на тоа ќе се зголемуваат ноќите и тоа до зимскиот солстициум - зимска краткоденица на 21 декември 2015 година.
Поради елипсоидната форма на Земјата, должината на најдолгиот ден и најкратката ноќ се различни одејќи од екваторот кон половите, а различни се дури и во нашата држава. Така, во најјужните делови на Македонија (во правец на Битола), денот ќе трае 15 часа и 5 минути, а во најсеверните делови (над Крива Паланка) ќе трае 15 часа и 17 минути. На екваторот, денот и ноќта ќе траат подеднакво по 12 часа.
На северниот пол, пак, денот веќе трае непрекинато 6 месеци, а на јужниот пол со слично траење од 6 месеци е ноќта. Прогнозите на големите светски метеоролошки центри, укажуваат дека оваа лето на Балканот и во Македонија ќе биде доста топло, слично, ако не и потопло од 2012 година. Причина за тоа е глобалната циркулација на воздушните маси и феноменот Ел Нињо, како и локациите на т.н. минимуми и максимуми над Европа и Африка. Особено топло ќе биде кон крајот на јули и во август.
http://www.igeografija.mk/Portal
Tweet |