Петар Печков
Објавено: вторник, 12 март 2019
Започнаа натпреварите од пролетниот дел на Втората лига Исток а лидерот ФК Борец 1919 дома победи со 3:0 (1:0) против екипата на ФК Плачковица од Радовиш. Стрелци на головите беа Марко Ѓорѓиески во 8-та и 84-тата и Ѓорѓи Ѓоргиев во 59-тата. Гостите се шесто пласирани со 15 бода и не беа сериозна закана за домаќините. По ова 15-то коло ФК Борец ја зголеми предноста над второпласираната екипа на ФК Тиквеш која одигра нерешено во Радовиш против ФК Детонит јуниор 1:1 и таа е 10 бодови. Следното коло велешани гостуваат во Неготино на ФК Вардар кој е претпоследен со 10 бода.
Во првата футсал лига во Скопје се одигра дербито помеѓу лидерот КМФ Шкупи и шампионот КМФ Велес. Славеа домаќините со 7:5, иако велешани има предност од 1:4 а на две минути пред крајот и од 4:5. Но примија три гола со што предноста на КМФ Шкупи сега е седум бодови и се пред промоција на нов шампион. Во следното коло КМФ Велес дома игра со КМФ Астибо од Штип.
Започнаа со настапи и фудбалерките на ЖФК Борец, кои на гости во Скопје од лидерот ЖФК Драгон загубија со 7:0 (4:0). И по ова 14-то коло младите велешани се при дното, претпоследни со 4 бода. Во следното коло, ја пречекуваат на Градски екипата на ЖФК Топ гол која е деветта со 20 бода.
Одбојкарите на ГОП Борец загубија дома со штипските студенти со максимални 0:3 (7,22, 20). Само во вториот и третиот сед велешани додадоа сериозен отпор на гостите, но премалку за да се освои сет. И по ова 13-то коло велешани останаа на две победи и се трети во групата која разигрува за пласман од 7-мо до 10-то место. Во следното коло ја пречекуваат екипата на последно пласираниот ОК Дибра волеј од Дебар која нема ниту една радост.
Младинската екипа на суперлигашот ГРК Борец гостуваше кај лидерот Еурофарм во Битола каде загуби со 47:13 (24:4). По 16 кола велешани се последни без освоен бод. Во следното коло гостуваат на екипата на Р Вардар јуниор, која е претпоследна со три победи.
Кошаркарите на КК Борец баскет загубија во Куманово од домаќинот КК Куманово 2009-та со 69:52 и ги расипаа шансите за пласман меѓу првите четири, бидејќи имаат тежок распоред до крајот. Домаќинот кој досега имаше четири победи забележа убедлива победа со 17 поени а велешани се трети со 24 бода, но најмногу одиграни натпревари 15 и најмногу порази -шест. Веќе овој викенд во салата Гемиџии доаѓа лидерот Академија ФМП која не знае за пораз.
Tweet |