Петар Печков
Објавено: понеделник, 09 јануари 2012
Хидросистемот Лисиче освен што ја задоволува жедта на велешани, започна водата да им ја продава на земјоделците за наводнување. Така езерото кое собира 24 милиони кубни метри вода, сега истата има повеќе намени а реката Тополка од која се полни, е максимално искористена. Една година Хидросистемот повеќе не е на грб на државата туку започна да остварува приход.
Во овој период се потпишани десетина договори за наводнување на околу 150 ха земјоделски површини во околината на селата Лисиче, Голозинци, Отиштино, Оризари. Земјоделците се задоволни затоа што имаат поголеми приноси. Само од наводнувањето на земјоделските површини остваривме приходи околу 1,5 милиони денари – вели директорот Ацо Петров.
Една од придобивките е што по течението на реката Тополка повторно како култура се врати одгледувањето на оризот. Ако пред дваесетина години тој бил застапен на 350 хектари, за пред пет да се симне на скромни триесетина, сега површините се двојно зголемени, оризот е присутен на 60 хектари а пролетва се најавува дека ќе го има дури и на стотина. Водата која ја има во избиле го врати ,,жолтото злато,, на нивните.
Освен што ХС Лисиче трајно го реши проблемот на со вода за пиење за Велес, сега има можност за вклучување на нови корисници за наводнување по течението на Тополка и по должината на цевководот. Земјоделците од вишокот на вода освојуваат нови и ги зголемуваат постојните земјоделски површини, до илјада нови хектари. Поради ова интензивно се склучуваат договори. Водата овозможи замена на културите со подоходовни и воведување на трета култура. За илустрација пет големи корисника кои потпишале концесија за вода на 35 година со ЈВП Лисиче, поседуваат парцели од по 150 ха. Меѓу корисниците се и оранжериите во населба Чашка. Изграден е цевковод во должина од 2 километри со кој треба перспективно, веќе во 2012 година, ХС Лисиче да се поврзе со езерото Младост.
Решени се сите имотно -правни односи за доградба на останатите 8 км цевковод, со што ќе се добие чиста вода од втора категорија, ќе се зголеми рибниот фонд, а од езерото Младост ќе се наводнуваат дополнително нови хектари плодни површини, и ќе има услови за развој на туризмот.
Од ланското лето, од јуни 2011 година, езерото Младост ни е дадено на управување. ХС Лисиче веќе склучи договори за наводнување на околу 650 ха овошни и лозови насади, со пет големи корисника а перспективно во наредниот период може да се наводнуваат нови до 1,3 илјади хектари. Со спојувањето на езерото Младост, тоа ќе биде ревитализирано, ќе се заштитат флората и фауната, бидејќи ХС Лисиче ќе доставува доволни количини на вода од втора категорија. Ова е направено без никаква финансиска поддршка а велешани ќе добијат чисто езеро кое понатаму ќе може туристички да се развива, бидејќи се наоѓа помеѓу двете ленти од автопатот Скопје – Гевгелија и обратно. Автопатот е добар предуслов за развој на транзитниот туризам на овој предел – вели Петров.
Од Владата на Република Словенија е прифатен и одобрен проектот за изградба на 3-4 пречистителни станици на водата од реките Тополка и Врановска, кои се вливаат во езерото Лисиче. Ова се однесува на населените места Горно и Долно Јаболчиште, каде живеат три илјади жители, а чии отпадни води директно се влеваат во притоките кои го снабдуваат езерото Лисиче. ЈВП Лисиче приходи остварува од продажба на песок кој се јавува како вишок од регулацијата на речното корито на реката Вардар. На овој начин стручно се вади песок и не се менува насилно текот на реката, како што тоа претходно се случуваше со дивите копачи.
Но кај граѓаните на Велес се јавија реакции откако ЈВП Лисиче од февруари 201о гфдоина започна да ја продава водата на ЈКП Дервен. Последното зголемување на цената на суровата вода од 2,25 на 2,8 денари, иако ЈВП Лисиче барало 3,5 денари за тон, ги зголеми стравувањата дека можно е и цената на водата за пиење да добие повисока вредност. Потрошувачите се повикуваат и очекуваат поволности, оти во еден дел, граѓаните преку самопридонес учествувале во изградбата на браната Лисиче. Со делбениот биланс е признаено дека цевководот кој ја дистрибуира суровата вода од езерото Лисиче до фабриката за вода на ЈКП Дервен е изграден од самопридонес
Направена е пресметка и според неа водоводот од браната ХС Лисиче до фабриката за вода, кој е изграден од средства на самопридонесот, чини 12 милиони евра. Со ова пресметка ЈКП Дервен и градот имаат документ со кој тие ќе можат да учествуваат во договарањето при формирањето на цената на водата. Овој документ е од ревизорска куќа која извршила проценка на цена на чинење на цевководот и истиот ќе послужи за партнерски однос меѓу ЈКП Дервен и ЈП Лисиче за формирање на купопродажната цена. Ова е битен елемент за намалување на цената на испорачаната вода – велат од ЈКП Дервен.
На ова од ЈВП Лисиче возвратија дека цената на суровата вода од системите каде има брана, како што е Стрежево во Битола, Липково во Куманово, Турија во Струмица а далеку повисока отколку што тие ја продаваат на велешани. Таму водата се продавала по цена од 4,2 до 4,4 денара за тон, што било двојно помалку отколку во Велес.
ХС Лисиче преку свои приходи работи рентабилно и ги отплаќа кредитите за изградба на системот. Отворањето на новите перспективи со изградбата на цевководот, поврзувањето со езерото Младост, наводнувањето на земјоделските површини ќе значат многу и за регионот но и за претпријатието, за туризмот и земјоделието - вели директорот Петров.
Tweet |