Петар Печков
Објавено: недела, 01 септември 2024
Пожарот кој попладнево беше регистриран кај село Карабуниште, по неколку часа е локализиран. Бидејќи до селото нема пат а жителите стигнуваат само преку железничкото стојалиште Пчиња, за интервенција бил користен хеликоптер на МВР:
„Пожарот е локализиран со дејството на храбрите пилоти со хеликиптерот на МВР, кои во многу брзи и прецизни турнуси полнеа вода од реката во многу тесен простор меѓу високите крајречни дрвја од вливот нa река Пчиња во река Вардар и го гаснеа раширениот пожар во оптимален налет. Во меѓувреме до селото се проби едно теренско противпожарно возило, камионет со мала цистерна во приколица. Пожарникарите и мештаните по земја ќе продолжат со дејство согласно условите. Опасноста по селото е отстранета, поточно да бидат зафатени други куќи од пожарот е анулирана“ – соопшти Стојанче Ангелoв, директор на Центарот за управување со кризи.
Пожарот избил од внатрешноста на селото, околу 14.00 часот, од огнот биле зафатени неколку куќи.
„На 1 септември во 13.59 часот во СВР Велес било пријавено дека во атар на село Карабуниште, велешко, настанал шумски пожар од кој била зафатена една куќа во која не живеел никој, сопственост на П.К. и две стари напуштени куќи со непознати сопственици“- соопшти Биљана Ѓаковска, портпарол на СВР Велес.
Пожарот во планинското село Долно Јаболчиште во Општина Чашка, избувна денеска во 11 часот и беше зафатена мешана шума на околу 40 ха и ниско стебелста вегетација. Пожарот вечерва е локализиран соопштија од ЦУК. Во негово гаснење беа вклучени 20 вработени од Општина Чашка, тројца од ЈП национални шуми.
Уште е активен и ветерот денес дополнително го разгоре пожарот на планината Мукос, кој има три крака, кон Степанци, кон Ораов дол и кон Оморани. Огнот е високо во планината и е мошне тешко да се интервенира.
Tweet |