речник контакт

Локалитетот Пешти, дом на ретки птици кои ги има се помалку

Времето но и човекот придонеле овие ендемски птици да се иселат, да исчезнат и денес да бидат реткост

Петар Печков

Во близина на Велес, по долниот тек на реката Бабуна е локалитетот Пешти, природна реткост. Таа во минатото била дом на птици, кои денес се ретки а некои од нив и загрозени. Времето но и човекот придонеле овие ендемски птици да се иселат, да исчезнат и денес да бидат реткост.   Меѓу карпите, кои се креваат и до стотина метри во височина, се гнездат ретки птици,  на кои оваа убавина им е нивен дом. Д-р Методија Велевски, биолог орнитолог, објаснува дека во локалитетот птиците ги има помалку од прстите на рацете. 

За сега со сигурност се знае дека има една двојка од глобално загрозениот египетски мршојадец , од кој во Македонија се преостанати само околу 15 двојки. Други поретки видови кои ги има  се црниот штрк, златниот орел, сивиот сокол и можеби уште неколку други. Целосно се исчезнати белоглавите мршојадци, кои во минатото, до околу 1985,  гнезделе во овие клисури а годинава во Македонија има преостанато само 5 двојки од истите. Карполазачот е зимски гостин, а царскиот орел, иако редовно го гледаме, не знаеме од каде доаѓа, каде гнезди во околината. Црна луња одамна немаме видено на Бабуна, а и претходно веројатно била нередовна - објаснува д-р Велевски.  Бројноста на овие птици  е непроменета последниве 15-тина години, по една двојка од сите наборени.

Причината зошто овие ретки птици ги има се помалку на Пешти, или исчезнале, е човекот.   Првенствено е труење, но тука се надодаваат вознемирување, повремен криволов. Во поново време  примарно е  вознемирувањето, други проблеми на Пешти стручните лица   не регистрирале.

Подрачјето е премало за да се преземат концентрирани мерки за заштита од типот на воспоставување на хранилиште, но е опфатено со генералните мерки, национална превенција на користење на отров, едукација.  Корист ќе има од воспоставување на законска заштита и контрола на присуството на луѓе и урбанизацијата на дивоградбите во самата клисура - смета д-р Велевски. 

Локалитетот Пешти, е прогласен за орнитолошки предел од страна на европските стручњаци во 1989 година, бидејќи тука, тогаш,  биле присутни бројни птици. Затоа дека овој предел, по течението на долниот тек на река Бабуна, бил дом на белоглавиот орел, зборува и спелеологот Слободан Ѓоргиев, од Велес, кој често го посетува локалитетот Пешти, заедно со Борче Јовчевски, учесник во експедицијата за освојување на Монт Еверест во 1989. Пред некоја година тие  се симнале во јама длабока 40-тина метри каде на големо изненадување, пронашле одлично сочувани тела на починати птици. Ги испитувале пештерите над реката Бабуна и во една од нив, пронашле  тела на два пара мртви белоглави орли.

Орлите како да беа мумифицирани, како и многу коски од други претходно починати птици. Ова е интересно откритие бидејќи во овој локалитет веќе петнаесетина  години ги нема овие со закон заштитени птици – вели Ѓоргиев. 

За нив е чудно што орлите биле  одлично сочувани со пердуви на телата. Тие не можат да кажат пред колку време се умрени и од што, Пештерата била длабока околу 40  метри, без малку вертикална но со скалест приод.

Чудно е што овие ретки птици ги најдовме доле, бидејќи тие во темнина не гледаат а прашање е како се симнале таму, теренот е со препреки. Згора на тоа има измет, што ќе значи дека тие таму умирале полека со денови – објаснува Ѓоргиев. 

При пронаоѓањето на телата на птиците тие измериле дека се долги еден метар со распон на крила 2,5 метри. Тој потсетува дека пред петнаесетина  години нашле слична гробница во пештера од спротивната страна на реката, наречена Бунар, каде имало тела од умрени белоглави орли.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »