Петар Печков
Објавено: понеделник, 15 март 2021
За салата Гемиџии и градот Велес, да бидат домаќини на квалификациониот турнир во одбојка, во Сребрената лига, потребно е објектот да исполни неколку услови, недостатоци, кои се констатирани повеќе од десетина години.
Турнирот треба да се одржи од 21-ви до 23 мај годинава а освен репрезентацијата на Македонија, учесници се одбојкарските селекции на Данска, Израел и Кипар. Интервентно е да се отстранат недостатоците во четирите соблекувални и во тоалетите. Салата е под ЈП Парк спорт, основано од локалната власт, која ветува дека може да го реши проблемот.
„Идејата е многу добра, одбојкарските натпревари да се играат и во други градови, освен Скопје. Ќе се обидеме да ги премостиме пречките, доколку тоа не е голем финансиски товар за општината и ако може да добиеме друга поддршка, би била добредојдена“ - кажа градоначалникот Аце Коцевски.
Од Агенцијата за млади и спорт најавуваат ако е потребна помош да се отстранат недостатоците, тие ќе помогнат. Рокот за санирање на недостатоците е краток, само два месеци.
„Стоиме на располагање, се изготвува решение, колку побрзо го изготви локалната власт, толку побрзо да се реагира. Доста е само во Скопје да играат македонските репрезентативци, во сите спортови, треба и низ земјава да настапуваат. Ние стоиме на располагање да помогнеме“ - рече Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за спорт и млади.
Одбојкарската федерација на Македонија, е домаќин и на завршницата, на турнирот на четирите најдобри од Сребрената лига, кој треба да се одржи на 5-ти и 6-ти јуни во салата Борис Трајковски во Скопје.
Tweet |