речник контакт

Локалната власт склучи договор со осигурителна компанија, за преку неа да се исплатуваат граѓаните каснати од куче и се избегне одливот на средства од Буџетот

Во случајот со осигурителната компанија каснатиот граѓанин ќе треба да докажува каде и кога е каснат а досега беше по пријава во СВР Велес

Петар Печков

Општина Велес за да ја надмине состојбата со големиот одлив на средства за обесштетување кон граѓаните,  поради каснување од куче, одлучи целата таа постапка да оди преку осигурителна компанија. На почетокот на месец април бил склучен договор со осигурување „Винер“. Според локална власт  тој бил со клаузула за осигурување од општа одговорност за дејност со франшиза 10% 2000 евра, штетен настан и 35 илјади евра агрегат.

„Сите штетни настани, конкретно каснување од улично куче  по 9-ти април, ги пријавуваме  на осигурителната компанија  за понатамошно постапување. Има несовесни граѓани кои прават пари од каснувањето на кучиња. За да ги спасиме средствата од општинскиот Буџет, преку јавна набавка обезбедивме осигурителна компанија, која ќе ги покрива 90 отсто од трошоците а ние 10 отсто. Голем дел од каснувањата се лажирани, за да се пумпаат пари од општинскиот Буџет. Тоа се милионски суми“- кажа градоначалникот Марко Колев.

Во случајот со осигурителната компанија каснатиот граѓанин ќе треба да докажува каде и кога е каснат а досега беше по пријава во СВР Велес. Сомнежите за лажирање  ги потврдуваат и од велешката полиција.

 „Се сомневаме дека некои случаи на каснување  се фингирани, но тоа треба да се докаже. Невозможна е ваква бројка на каснати. Но проблем е ако докторот даде документ, со тоа целата работа е завршена“ - вели Александар Костев командир на ПС Велес.   

За каснување пред 9 април, кога е потпишан договорот, според пристигнати и исплатени предмети заклучно со 31 мај годинава, по сите основи -спогодба, порамнување или судско порамнување, од Буџетот  биле исплатени 2.187.466 денари оштета на лицата и 687.449 денари на адвокати, или вкупно 2.874.915 денари.

Од Буџетот на Општина Велес во 2021 година по основ на обесштетување за каснување на граѓани од бездомните  кучиња исплатени се вкупно 4.678.110 денари. Тоа е рекордна највисока сума исплатена за оваа намена.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »