Петар Печков
Објавено: четврток, 28 мај 2020
Локалната власт ги објави двата повика за субвенционирање на купен сончев термален колектор и за купен велосипед. Ова се однесува на физички лица, жители на Општина Велес а јавниот повик е за периодот од еден месец, од вчера, 27-ми мај заклучно со 26-ти јуни.
Се субвенционираат дел од трошоците направени при купувањето велосипед и сончев термален колектор, до висина од 50% од вредноста. За велосипедот е до три илјади денари, додека на сончевиот термален колектор, не повеќе од 20.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Јавниот повик се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Право на учество за добивање на субвенции имаат физички лица кои ќе купат велосипед или сончев колектор од денот на објавата на јавниот повик па се до 26.06.2020, а треба да ги исполнуваат условите од овој Јавен повик.
Услови за добивање на средства е да немаат добиено финансиски средства за набавка на велосипед или сончев термален колектор, од било кој извор во Република Северна Македонија - не го искористил правото на субвенционирање по овој основ.
За купениот велосипед меѓу условите е да не биде помал од 24” (инчи), односно 60,96 сантиметри, односно да одговара на популација деца кои не се помали од 8-9 години.
За сончевиот термален колектор да биде инсталиран на адресата на живеење наведена во личната карта на барателот, станбениот објект да не е во фаза на градба и во него барателот да живее, само едно лице од домаќинството може да поднесе барање за добивање на овој надоместок.
И за двете ставки, субвенциите за набавка на велосипеди и сончеви колектори во општинскиот Буџет обезбедени се по 500 илјади денари.
Повеќе информации од локалната власт упатуваат на заинтересираните на веб страницата на Општина Велес.
Tweet |