Петар Печков
Објавено: вторник, 10 декември 2024
Денеска, 10 декември, била спроведена координирана полициска акција под директно раководство на двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција , при што се извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на Битола, Неготино, Кичево, Велес и Скопје.
„За време на акцијата обезбедени се голем број материјални докази (документација), а кај три лица пронајдени и одземени се околу 130.000 евра“ - соопштија од МВР.
Од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-СКИ -Единица за корупција во соработка со Управата за финансиско разузнавање до ОЈО за ГОКК поднесена е кривична пријава против 23 физички лица и два правни субјекти и тоа: В.К. (55), В.С. (57), А.М. (44), П.М. (46), Н.С. (48), М.С. (45), Д.С. (43), М.Ј. (35), П.Ч. (46), Д.С. (59), З.Н. (58), С.М. (63), М.В. (58), В.М. (61), З.А. (38), Д.Ч. (47), Д.С. (48), С.К. (53), С.М. (54), Н.Н. (35), П.С. (69), М.С. (54), Р.С. (42), потоа правно лице од Неготино, како и правно лице од Скопје. Од нив, 21 лица се лишени од слобода, а за две се преземаат мерки за пронаоѓање.
„Пријавениот В.С. во својство на генерален директор на АД ЕСМ, Н.С.- поранешен директор во АД за производство на електрична енергија ТЕЦ Неготино, Д.С.- поранешен директор на комерцијални работи во АД ЕСМ и поранешен директор на АД „Пошта на Северна Македонија“ и П.М.- поранешен вд директор и директор на Подружница РЕК Битола во АД ЕСМ во текот на 2023 и 2024 година во Неготино, Битола, и Скопје организирале група која имала за цел вршење на кривични дела „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство“. Во текот на 2023 и 2024 година на оваа група и се приклучиле осомничените М.Ј.- управител на правно лице од Скопје, П.С., управител на правно лице од Велес, М.С.- управител на правно лице од Неготино, М.С.- сопственик на правното лице од Неготино, Р.С.- сопственик на правното лице од Неготино, со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери“ - пишува во информацијата на МВР.
„Кривично пријавените свесно ги повредиле прописите на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, со договарање со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка, организирале пререгистрација на правни субјекти во нивна сопственост, се договарале како учесници во постапката за доделување на договори за јавна набавка во АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и подружница РЕК Осломеј да се јават правните лица од Скопје и Неготино и да ја изиграат постапката за доделување на договори за јавна набавка. Дел од организаторите и припадниците на злосторничкото здружение, со намера да прибават за себе или за друг значителна имотна корист не ја извршувале својата службена должност како службени лица вработени во АД ЕСМ Скопје, Подружница РЕК Битола со што овозможиле пријавеното правно лице од Скопје да го добие договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив RPT 601, 190.000кг. за потребите на РЕК Битола и 120.000кг. адитиви RPT 602 за потребите на РЕК Осломеј и да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397.636.400 денари“ - доддаваат од МВР.
Пријавените како организатори на злосторничкото здружение и пријавените припадници на злосторничкото здружение во Битола, Неготино и Скопје, во периодот од месец октомври 2022 година до месец јули 2024 година пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на пари со намера да го прикријат нивното движење и подигнале пари во готово, а за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство“.
Tweet |