Петар Печков
Објавено: четврток, 08 септември 2011
Од денеска па натаму сите ние во еден здив треба да речеме ова е нашата Македонија, ова е нашата победа. Тоа што го гледате околу себе е нашиот долг кон институциите на државата и кон делото на хероите со чија жртва е создадена оваа држава и тоа треба со гордост да го кажуваме.
Ова го потенцира премиерот Никола Груевски во обраќањето вечерва на плоштадот „Македонија“ по повод 20 годишниниата од незавиноста на Македонија.
Во овие 20 години создадовме независна и демократска држава. Поминавме низ бавна и мачна транзиција. Се спроведоа голем број суштински реформи. Видовме и добро и лошо, конфликти и помирувања. Но, она што го покажавме е дека со сите специфики успеавме да создадеме уникатен и функционален систем, достојни на почитување на различностите и толерантност. Дадовме примери на многу европски земји дека различните култури можат заедно, дека тоа е прашање на волја и избор. Тој систем сите секојдневно го градиме, но верувам дека ќе му помогне на секој граѓанин на Македонија да го пронајде своето вистинско место. Тој систем е најголемата придобивка на овие 20 години и огромен капитал за иднината, рече премиерот Груевски.
Нашата држава иако мала по површина, нагласи Груевски, има темел еднакво голем со секоја друга европска држава. Тој темел, рече, е храброста, решеноста и жртвата на генерации кои подарија се што имаа за својата држава.
Денешниот празник е прослава на победата, победа на еден аманет пренесен од генерација на генерација како спомен што не смее да згасне, затоа што кога тогаш мора да се разгори. Денес низ пората Македонија поминува одлучноста на Сандански, визионерството на Делчев, саможртвата на Гули, посветеноста на Карев, безгрешноста на Груев, бескомпромисноста кон националните интереси на Ченто, Брашнаров, на сите оние дејци и јунаци од различна вера и нација кои придонесуваа за оваа слобода самостојност и незавиност, рече Груевски.
Во минатото Македонија даде великани, имиња кои ги изговараме со смирена благонаклоност и стравопочит. Македонија и сега, посочи, создава големи по душа и неповторливи херои подготвени за самопожртвување пред споменот или ликот на кои им симнуваме капа.
Овој Mузеј повикува на историско помирување и ни говори да паметиме за да не ги повториме старите грешки. Тој е споменик на нескротливиот марш кон слободата, за време на Крушевската Република во чија влада покрај Македонци, имаше и Власи, и Албанци. Ниту еден сонародник од друга националност нема пострадано од рацете на илинденците. Ова е Музеј на слободата за сите и за секој што ја сака слободата.
Ова е пораката што ја упати претседателот на државата Ѓорге Иванов вечерва од пред Музејот на македонската борба, каде ја постави Декларацијата за независноста, во рамки на прославата на 20 годишнината од независноста на Република Македононија.
Споменикот, додаде тој, секогаш ќе не потсетува на непроценливата вреднст на слободата и на големите жртви со кои е платена слободата.
Желбите на нашите претци на нашите борци се остварија. Слободно изразената волја на граѓаните пренесена на оние кои ја изгласаа Декларацијата за независноста, денес ќе ја положам овде како симбол на мечтите и на стремежите на оние кои се бореа за неа. Остварениот завет дојде кај оние кои гинеа копнеејќи за Македонија. Дојде темелот на темел, своето на свое, од денес па за навек да ни е вечна и вековита Македонија, истакна Иванов. Музејот, потенцира, ги поврзува првиот и вториот Илинден, особено низ феноменот на жртвите.
Сигурен сум дека сите ние сме слушнале дека вториот Илинден е континуитет и историско продолжение на првиот Илинден. Но колкумина од нас застанале да размислат околу вистинската тежина на овие зборови. НОБ беше борба за самостојна Македонија, а првенците на вториот Илинден ја гледаа подоцна формираната Федеративна Народна Република Југославија како етапа и историска фаза за остварување на крајната цел - независна Македонија, рече во обраќањето македонскиот претседател.
Иванов посочи дека Музејот не потсетува на се она што претходеше во овие 20 години слободна Македонија, не потсетува на луѓето, на настаните кои го одбележаа долгиот пат кон македонската слобода.
Отворањето на овој Mузеј, истакна тој, е историски настан затоа што ги осветлува скриените периоди од нашата историја, затоа што овозможува сите идни поколенија да научат кои беа Ченто, Брашнаров, Пирузе и многу други за кои, подвлече, ние како генерација дознававме откако станавме возрасни и станавме независна држава, затоа што од нас беа криени со години.
По обраќањето на премиерот Никола Груевски, на плоштадот беше пуштена грандиозната фонтана со споменикот „Воин на коњ“. Беше изведена свечената песна „Македонија“ од 20-ина естрадни ѕвезди заедно со Хорот на МОБ, Македонската филхармонија и „Танец“. Прославата се заокружи со голем музички хепенинг на кој настапија околу 90 пејачи или бендови од забавната и народната музика, кои ја одбележаа музичката историја во изминатите 20 години
Tweet |