Петар Печков
Објавено: понеделник, 18 март 2024
По 29-ти пат македонските пензионерки се дружеа во Велес, на републичката манифестацијата „Благцата на баба“. Околу 400 жени од 30 града, минаа повеќе часови во забава и игра.
Манифестацијата е традиционална, целта е со дружење членките да се потсетат на старите блага, кои ги подготвувале нивните мајки, баби а истите да ги остават во аманет на помладите. Домаќините се погрижија за се да мине најдобро и во одлична организација. Штом манифестацијата издржа 29 години, сигурно е дека има иднина. Таа има и хуманитарен карактер.
„Целта е да се потсетиме на благата кои ги подготвувале нашите баби и прабаби и да ја зачуваме традицијата. Дел од благата ќе се доделат на стари и изнемоштени лица. Ќе ги посетиме и ќе им ги врачиме овие домашни изработки“ – кажа Благојка Настова, претседател на активнот на жени пензионерки од Велес.
Гостите кои дојдоа се дружеа, се потсетуваа на убавите мигови од претходните настани, но и го вкусија многуте слатки, изработени по рецептите на нивните баби, извадени од пожолтените домашни тефтери.
Немаше гостинка која не мина покрај свечената маса а не застана покрај изложените специјалитети, да праша од каде се, како се подготвуваат, но и со желба да се вкуси.
Средбата заврши после многу часови ора и песни, со желба да се сретнат до година во ист состав и со нови старински блага.
Tweet |