речник контакт

Малото село Ораовец нуди големи можности за одмор и здравје

Предлог каде да заминете на еден ден, претстојниот четиридневен викенд. Селото Ораовец вреди да се посети. Се гледа од патот Долги рид, кога одите за Чашка на левата страна, во густа шума високо во планината

Петар Печков

Во велешкото село Ораовец природата не се штедела, на само 15-тина минути од градот, природна убавина, ладовина,  вода и богата историја, се на едно место а толку блиску за бегство од градската врева.   Малото село  е некогашен дом на значајни луѓе од македонската историја со која малку мината жители останати во него, се гордеат.

Тука на падините на Клепа се преплетуваат историјата и сегашноста, помешани со природната убавина, водата и мирисот на пролетното цвеќе. Сето ова го прави Ораовец село, кое не е така познато но е пожелно да се посети, поради здравје, историја, одмор. Тоа заживува кон крајот на април, кога тука доаѓаат бројни гости да положат цвеќе на гробовите на  гемиџијата Милан Арсов и  илинденецот - војводата Јован Наумов Алабакот.

Имаме што да им понудиме на сите гости, сенка и вода во жешките летни денови. Ладната вода доаѓа од големиот извор на крајот од селото, кој служи за наводнување, тука пливаат шатки и патки, во него има и  риба. Има уште две езерца во вода над него. Никогаш не секнува, толку  многу вода има во селото. Сенката пак е од столетните ореви, така што наместо викендите да ги минуваат дома на зоврениот асфалт, велешани нека дојдат до нас, нема да зажалат – вели  Ѓоре Андовски жител на Ораовец, кој се вратил во него откако фирмата  во која работел , како и повеќето во градот пропаднале . 

Тој и соселаните одгледуваат лозје, кромид, грав, пченка, компир, градинарски производи кои се продаваат на велешкиот пазар. Бидејќи се од еколошки чиста средина, а купувачите тоа го знаат па бргу нивната стока се продава. Селото името го добило бидејќи во него има  многу, педесетина, ореви. Тие ја даваат и дебелата ладовина која е идеална за бегство од градската врелина. На само 15-тина минути од Велес, на 500 метри надморска височина е селото, идеално како воздушна бања. Така било познато во средината на минатиот век.

  Во селото до пред 30-тина години,  доаѓаа деца од општината на лекување, бидејќи имам добра вода и воздух. Многуте ореви го обогатуваат воздухот со јод, така што децата се лекуваа овде. Како што сега болницата Јасеново, така некогаш наше Ораовец беше воздушна бања. Децата доаѓаа преку лето и беа сместени во зградата на училиштето, зошто не се стори и сега исто. Нека ја дадат на некоја невладина организација, така и децата ќе бидат поздрави а и селото ќе заживеее – вели Олга Гочева една од четириесетината жители во селото.

Тие се помалку отколку што имаат ореви. Во селото има дваесетина населени куќи, за жал детски џагор нема. Селото во пролет е прекрасно, се мешаат боите и мирисите на цветот лилјачињата, потоа следат маслинките, кои иако е високо ги има во голем број. Селото има специфична архитектура, со интересни покриви. Сите куќи се покриени со камени плочи, што е природна климатизација, лете ладно, зимо топло. Тоа е природна изолација, со кој се снабдуваат од блискиот каменолом од каде ги набавуваат камените плочи кои служат за домашна употреба. Во селото посебно се горди на нивните предци војводата Алабакот и гемиџијата Арсов.

За да заживее селото потребно е да се асфалтира последниот километар од патот кој води до нас. Ораовец имаше градски навики, ручек во фурна печевме, имавме десет воденици на Тополка. Сега некои луѓе од Велес дојдоа направија убави куќи, тоа може да привлече и други да дојдат тука. Блиску до селото е локалитетот Макаревац каде има ретки птици и многу пештери, така што кој дојде, има каде да прошета и што да види – вели  Љубе Давчев, најстариот жител на Ораовец, внук на  Милан Арсов.

Во селото има прекрасна црква градена од познатиот градител Дамјанов, соѕидана во 1839,  една  година пред велешката  и далеку попознатата Св Пантелејмон. Затоа гостопримливите домаќини, со широко срце, ги канат велешани и другите намерници, да дојдат за еден ден, а потоа да бидат чести нивни гости. Велат кој дошол еднаш, ќе дојде и многупати.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »