Петар Печков
Објавено: петок, 08 јули 2016
Компанијата Маркард Македонија за прв пат организираше промотивен настан за учениците од средните стручни училишта од регионот, од областа на мехатроника. Целта беше младите да се информираат за компанијата, нејзините производи и идната програма за стручно практично усовршување.
Настанот беше организиран во соработка со Средното училиште "Коле Неделковски" Велес, чиишто 35 ученици од струките електроника и механика, го посетија штандот на Маркарт во Кавадарци. Олгица Марковска, Менаџер за човечки ресурси од Маркард Македонија, гледа голема можност за заеднички развој и соработка меѓу училиштето и компанијата.
Маркарт Македонија како локален работодавец планира спроведување на програмата за стручно практично усовршување на средношколци, за време на нивното школување. Таа пракса би се одвивала во фабриката која е во близината на Велес, во с. Долно Караслари.
Компанијата сака да го поддржи развојот на идните потенцијални кадри во професии кои недостигаат на пазарот. Со оваа програма средношколците, ќе ги развијат практичните знаења за време на нивното образование. По завршување на средното училиште учениците ќе бидат подготвени да започнат со работа во компанијата.
Оваа програма ќе им помогне на учениците да се стекнат со практични знаења во нивната идна професија. Можноста за спроведување на наученото директно во индустријата е многу силна алатка, со која учениците ќе ги зајакнат своите способности, вештини и самодоверба. На тој начин учениците ќе бидат подготвени да ги употребуваат стекнатите професионални знаења на нивните работни места. Исто така, Маркарт како работодавач гледа можност, преку пракса на учениците во стручни области, да обезбеди работни места во иднина и да влијае на општествениот развој на Велес - изјави Марковска.
Tweet |