Петар Печков
Објавено: сабота, 17 март 2012
Продавачот на теписи Азиз Амрауи често патува до најдалечни села во Алфските планини, во потрага за рачно изработени берберски теписи во обид оваа традиција која е загрозена од глобализацијата, да ја спаси од заборав.
Додека се вози низ планините на Мароко кон работилница оддалечена 150 километри од неговиот дом, Азиз слуша берберска музика и со љубов зборува за својата работа и желбата да ја зачува уметноста на ткаењето и квалитетот на берберските теписи.
„Доаѓам тука секогаш кога можам, за да порачам убав тепих, бидејќи тука жените сеуште знаат вешто да ги ткаат. Тие се нови теписи но направени се на ист начин како и старите“, рече тој за АФП.
Квалитетот на тепихот, објаснува Азиз, зависи од квалитетот на волната и бројот на јазлите. Во селото Аин Леух работат повеќе од 70 жени и секоја заработува околу 15 евра од квадратен метар.
Фатма Бухмарес оваа вештина ја научила од својата мајка.
„Правам теписи според стари шаблони кои претставуваат работи како лавовска шепа или змија која ја фрла својата кошулица. Се што правам е по сеќавање“, објаснува Фатима.
Жените ги поврзуваат орнаменти кои им се важни како раѓање на дете, суеверие, но и сексуалноста. Азиз од својот татко кој бил врвен трговец, научил да ја цени убавината на секој од тие теписи.
„Научив да ткаам кога бев многу млад, во време кога се работеше само со стари теписи. Сега научив што се вистински теписи и килими. Понекогаш на жените им ги покажувам старите теписи за да не заборават каков бил некогаш квалитетот на работата. Но, јас не можам на жена што ткае да и наредам што да изработи. Идеите се нивни и поради тоа тепихот е уметничко дело“, објаснува тој.
Но, тоа е уметност која умира во време кога мароканските пазари се преплавени со ефтини теписи од масовно производство. Но, ни вештината на ткаењето повеќе не се пренесува од мајка на ќерка. Азиз во својот дом има ретки теписи, кои денес не можат да се купат.
„Овој тепих е од племето Бени Мгулид“, објаснува тој. „За да направат ваков тепих жените мора да бидат трпеливи бидејќи мора да најдат соодветни билки за да ги направат овие бои а тоа повеќе не се прави. Ако сакам некој да ми направи ваков тепих, не би можел да го продадам бидејќи е многу скап. Тоа е многу тажно, но се надевам дека ќе најдеме решение“, вели Азиз Амрауи.
Додека се стемнува Азиз со нетрпение брза дома за да му го покаже на татко му последното откритие. Иако речиси е целосно слеп, таткото на Азиз со допир може да го препознае потеклото и квалитетот на тепихот.
Двајцата сакаат оваа древна уметност и дел од наследството на својата култура да ја зачуваат од заборав.
Текстот е преземен од Танјуг - Белград
Tweet |