Петар Печков
Објавено: петок, 11 декември 2020
Заврши откупот на сончогледот од македонските полиња. Велешка Маслодајна, како единствен производител на маслото за јадење кое ја преработува оваа индустриска култура, не е задоволна од откупеното количество, за што причината ја гледа во малите засеани површини.
Од годинашниот род на сончогледово семе како појдовна суровина за производство на рафинирано масло за јадење откупени се само три илјади тони од домашно производство. Останатата количина суровина со оглед на тешката економска криза за време на пандемијата приморани сме да ја купуваме и дополнуваме од соседните земји по значително повисоки цени, отежнати транспортни услови, зголемени непланирани трошоци со кои мора да се справиме се со цел да обезбедиме доволно залихи на квалитетно масло за јадење за нашето население и добра цена за секој купец - изјавија од Кристал 1923 АД Велес.
Ланската 2019-та година беше една од поуспешните во последната деценија, кога од македонските полиња беа откупени седум илјади тони, додека во 2018-та имаше откупено 2,3 илјади тони сончоглед. И покрај кампањата на велешка Маслодајна, за враќање на сончогледот како култура, со договорно противдејство, со гарантирана цена, делење на семенски и репроматеријал, зголемени субвенции од страна ан државата, земјоделците тешко се одлучуваат за оваа култура. Годинава фабриката склучила договор со 120 земјоделци.
Особено би ја потенцирале важноста на враќањето на сончогледот на македонските ниви, како за земјоделците кои ќе имаат сигурен откуп, така и за државата и правилното насочување на субвенциите во насока на зголемување на домашното производство и намалувањето на одливот на девизи. Со гарантирање на сигурен откуп сакаме да ги мотивираме и охрабриме нашите земјоделци да ги зголемат своите капацитети и следната година да излезат со поголемо производство на маслодајни семиња - додаваат од Кристал 1923 АД Велес.
Tweet |