речник контакт

Матичните доктори реагираат дека се казнуваат по правилници од 2008-та за административни грешки, кои со години бараат да се променат

Изречените казни биле за препишани лекарства, кои пациентите морале да ги добијат откако минал периодот од година дена добиено мислење од специјалист, во спротивно било доведено во прашање нивното здравје

Петар Печков

Матичните доктори после Нова година а пред Божик,  добиле решенија за казни за нивните ординации, за 2019-та година. Истите биле како што тие велат, поради административни грешки во работењето. За ова тие реагирале до нивното Здружение на приватни лекари (ЗПЛМ).  

„Ваквиот однос и третман е крајно понижувачки за  матичните доктори. Имавме средба летото минатата година со Министерот за здравство и директорот на Фондот за Здравство,  на која  реагиравме на третманот, нема награди за матичните, но има казни.  Уште во 2019-та  матичните реагираа со протест за казнената политика, и баравме промени. Тоа што се казнети матичните доктори,  не се професионални грешки, туку административни, по Правилници од 2008-ма година. Со години бараме тие да се сменат. Не значи ако директорите во Фондот се менуваат, нема да важат ветувањата што ги дал некој друг пред нив“ - вели д-р Лили Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛМ.
 
Објаснува дека изречените  казни биле за препишани лекарства, кои пациентите морале да ги добијат, во спротивно било доведено во прашање нивното здравје.  Тоа биле лекови за кои требало да се бара препорака од специјалист, која има важност од една година.

„Што е важно пациентот да е жив или да го враќаме оти минал периодот, да оди по специјалист, да чека во услови на пандемија да добие термин, па да се враќа за да го препишеме лекот. Администрацијата  излезе  поважна од здравјето. Има случаи кога матичните пишале по грешка некоја шифра и тоа ли е за казна. Вака Фондот на Здравство се однесува над здравјето на пациентите. Награда и стимулации нема, но казни и контроли и записници од по неколку страни има. Грешки на администрацијата во Влада, во Фондовите  има а кој ги казнува, има ли казни за нив“- додава д-р Чолакова Дервишова.

На прашањето дали е можно штрајк на матичните доктори, таа не даде прецизен одговор, но кажа дека револтот кај колегите бил голем.  

Од Фондот за здравство во писмената реакција на забелешките на матичните доктори, велат дека тие  изминатиот период ја  олесниле на казнената политика спрема здравствените установи.

„Во текот на 2019 година со склучување  на анекс на договори беа драстично намалени договорните казни. Воведен е  мораториум  -мирување, одлагање за изрекување на договорни казни за период од 01.01.2019 до 30.06.2019 година. Во текот на 2020 година, Фондот значително ги намали контролите во здравствените установи, со цел да излезе во пресрет на лекарите кои се справуваа со  пандемијата со Ковид-19. При разгледување на записниците од извршените контроли во здравствените установи, ги зема во предвид сите олеснителни околности, со тоа што за сторени повреди на договорните обврски кои опфатија период на важењето на два договора, секогаш ја изрекуваше помалата договорна казна“ - пишува во реакцијата на Фондот за здравство. 

Потсетуваат дека  Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести следејќи ги препораките на Светска здравствена организација, донело  низа мерки заради спречување на ширење на Корона вирусот.

„Продолжено е важењето на специјалистичките извештаи, отпусни писма и конзилијарни мислења на повеќе од една година, заради непречено издавање на рецепти, боледување и ортопедски помагала на осигурените лица. Избраните лекари во периодот на траење на мерката не  ги повикуваа осигурените лица на превентивни прегледи.  Избраните лекари имаат право да препишуваат лекови на рецепт од Листата на лекови на товар на Фондот - антибиотици и анксиолитици, над дозволениот лимит, кои се неопходни при третман и лекување на осигурените лица заболени од  Корона вирусот“ - додаваат од ФЗО.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »