речник контакт

Матичните лекари не можат да препишат лек на рецепт за хронично болни, оти ФЗО го промени системот, од Фондот велат матичните да го надградат системот

Системот не го прима бројот на извештај од приватна болница или ординација иако лекарот- специјалист што го потпишал извештајот има факсимил

Петар Печков

Од минатиот месец, хронично болните, а и другите болни не можат да добијат терапија на рецепт оти матичните лекари кога пополнуваат во системот им се бара број на лекарски извештај, а не како досега факсимил на лекарот кој ја препишал терапијата.

Системот не го прима бројот на извештај од приватна болница или ординација иако лекарот- специјалист што го потпишал извештајот има факсимил. По ова, матичниот лекар мора да закажува термин во други јавни здравствени институции, за да издадат лекарски извештај за истата терапија.

Таму, пак, термините се ретки и болните пропуштаат терапија. Ова е посебно изразен проблем за постарите болни оти мора повеќепати да одат на лекар за иста работа, а матичните лекари, како и специјалистите се жалат за преоптоварување.

„Со оваа нова обврска јас треба на седумдесет и кусур години да одам до матичниот да ми закаже термин за специјалист во болницата во Велес и пак назад до матичниот. Познато е колку термини за специјалистички прегледи има. И дилемата зошто да се шетам на овие години по ординациите, кога веќе сум примала вакви лекарства“, вели велешанка на која оваа новина ѝ создала проблеми во секојдневното функционирање.

Револтот на пациентите го чувствуваат и матичните доктори.

„Имаме жестоки реакции од пациентите. За нив, кои се тешко болни, ние мора да ‘ловиме’ термини во Мој термин. Нив сега ги препраќаме до специјалистите од јавното здравство. Ова е непотребно трошење на народниот денар наменет за здравството. Кажавме дека ова упатство не е во ред, не е потребно, но досега нема повратна реакција од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО)“, вели д-р Лили Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Македонија.

Од ФЗО велат дела од нивните досегашните проверки не бил констатиран проблем за кој реагираат пациентите и матичните доктори и тврдат дека ако некаде има таков проблем тоа е поради софтверското решение на ординацијата.

На прашањето зошто системот сега бара број на лекарски извештај наместо факсимил на лекарот, од Фондот за здравство велат дека тоа не е новина во работата.

„Правилата за работење на матичните лекари не се променети, односно се истите кои важеа и претходно, со години, во делот на упатувањето во повисоко ниво на ЗЗ и упатите. Тоа значи дека тие и досега требало да работат според важечките прописи, вклучително и одредбите од Правилникот за остварување на права од ЗЗО во делот на остварување на право за лекови на товар на Фондот. Бидејќи упатите се креираат преку системот Мој термин, нивните основни идентификациски ознаки се вградени како контролни параметри и механизми за законско работење на лекарите, а преку новиот рецептен образец на Фондот. Матичните лекари од ПЗУ ординациите треба да работат на обезбедување софтверски решенија во склад со прописите“, велат од Фондот за здравство.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »