речник контакт

Машко емоционално разголување по неуспешна свадба во претставата „Тестостерон“ премиерно во велешки театар за Светскиот ден на театарот 27 март

Режијата е на Синиша Ефтимов

Петар Печков

Премиерата на новата претстава на велешки театар „Тестостерон“ од полскиот автор Анджеј Серемонович, ќе се случи на 27 март, на Светскиот ден на театарот. Со неа ќе биде и отворен театарскиот фестивал „5ре“. Ја режира Синиша Ефтимов.  

„На прво читање се пронајдов во текстот и ја видов поделбата. Направивме совршена комбинација на сите театарски елементи за да се создаде едно дело. Почестен сум што сум дел од оваа приказна, втора година по ред со моја претстава се отвора фестивалот „5ре“ што е за мене голема чест. Креираме дело кое долго ќе трае, ќе живее. Авторот напишал седум маестрални ролји  и а актерите создадоа  седум фантастични улоги“ – рече Ефтимов. 

Во „Тестостерон“ настапуваат Жарко  Спасовски, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Фаик Мефаиловски, Благојчо Стојанов, Филип Христовски, Стефан Николовски. Оригинална  авторска музика за претставата создава Сашко Костов,  сценограф е Филип Коруновски, Јордан Симонов е асистент  на режија. 

„Текстот го имам читано пред неколку години, ми остави силен впечаток и во координација со режисерот Ефтимов, решивме да го поставиме на велешката сцена. Имаме прекрасна поделба на улогите. Верувам дека публиката ќе ужива  од првиот до последниот момент од претставата“ – кажа Жарко Спасовски директор на велешки театар кој  игра во претставата.  
Ефтимов претставата жанровски ја категоризира како драма, иако вели е познат по комедијата. 

„Овде станува збор за сериозна човечка драма. Седум  машки исповеди, за тајни машки разговори кои ги споделуваат меѓу себе. Жените ќе видат една поинаква страна на мажите, кога тие емоционално се разголуваат. Станува збор за неуспешна свадба,  тука се младоженецот, неговиот брат, кумот, татко му и тројца случајни ликови, тие споделуваат  траума. Од човечките ситуации излегуваат комични моменти, но жанровски е драма. Човекот се смее на туѓата несреќа, така што претпоставувам  ќе има комични елементи“ – рече Ефтимов. 

„Имам задача од режисерот да  изградам  лик  на Балкански свекор. Очекувам дека публиката со големо задоволство ќе ја гледа комедијата со горчлив вкус. Во оваа претстава за прв пат играм со помладите колеги, за мене возбудливо патување и се надевам на долг живот на сцената“ – кажа  актерот Јордан Витанов

АНКЕТА »

Дали на Велес му се потребни камерите за „безбеден град“?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »