речник контакт

Мегдан и децениската традиција на Чист понеделник продолжуваат (фото)

Мегданчани останаа верни на традицијата и на гостите кои годинава беа во голем број, понудија бел грав

Петар Печков

Убавото сончево време собра бројни гости на Мегдан, каде традиционално се одбележа меѓу велешани познатиот Чист понеделник. Тоа е првиот ден по Прочка, кога започнуваат постите.  Со бели грав, кој се подготвува по стар рецепт, без запршка, со мезе и муабет, мегданчани, но и гостите се присетуваат на времињата. На овој ден се потсети  Панче Чорев, еден од постарите живи сведоци на минатите времиња. 

Секоја година го славиме Чист понеделник , овде на Мегдан. Ова ни е аманет од старите, но и од нивните предци. Тоа беа Трајче и Ѓорѓи  Балкан, Перо Ивчев, Лазо Нојков, Перо Манасот. Така и ние ја продолжуваме децениската традиција. И сите се дружиме и почитуваме. Не оставаме да мине. На времето имаше аранија, котел кој беше полн со грав, и така се вареше. Се додаваше растриени суви чушки. Секој од маалото, носеше туршија, пијалак и секој руча по едно чиниче, бело гравче. Јас сум 70 години така беше и тогаш и сега, сега младите нешто сменија со времето. Но традицијата старите остана  - вели Панче. 

Неговиот внук Баже Чорев, заедно Никола Крстев се  двајцата кумови на годинешното дружење. Тие објаснуваат какви се нивните обврски за овој ден, за одржување на Чист понеделник. 

Го обезбедуваме гравот, ручекот, салата, пијалак.  Доаѓаат мегданчани или родум од тука. Имаме традиционално мегданчани кои живеат во Скопје, допатуваа за овој ден. Ни се погоди времето годинава, сончево и топло, така што има голема посетеност. Имаме и гостин до Македонска Каменица. Важно е традицијата да остана на задоволство на сите нас - велат годинашните кумови Баже и Никола. 

Тие на несекојдневен начин го  предадоа кумството за наредната година. До година ќе биде Трајче Кулев, кој живее на Мегдан а нему Баже и Никола му предадоа венец суви чушки, и со овој чин кумството беше предадено. 

Како и годините наназад за подготовка на ручекот, бел грав беше задолжен  Тодор Иванов - Башката. И годинава неговиот рецепт се покажа успешен и врвен а белиот грав бргу беше исцрпен од лонецот, каде беа подготвени 30-тина кг. 

Свештеникот Јани Мулев ја благослови трпезата  а на присутните им порача, не само денес туку и во следните до Велигден, треба да се постат. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »