Петар Печков
Објавено: недела, 10 март 2013
Стотици ловци на богатство од целиот свет се собраа во Чељабинск област во Русија, каде на 15 февруари падна огромен метеор, во надеж дека под снегот и мразот ќе најдат делови од небесното тело, чиј грам може да достигне цена од 2.500 евра, што е дури 60 пати повеќе од цената на златото, на кое моменталната вредност за грам му е околу 40 евра.
Делови од метеоритот веќе се нудат на многу сајтови за онлајн продажба, од американскиот Амазон до кинескиот Таобао, а колекционери од цел свет секој ден лицитираат за нив, така што цената порасна на 12.000 евра за парче од 10 грама, што моментално е три пати повеќе од вредноста на златото.
Ги бараат со магнет
Фокусот на потрагата по метеоритот е замрзнатото езеро Чебаркул блиску до Чељабинск, каде е направен кратер во пречник од шест метри, па се сомнева дека тука паднал најголемиот дел. Иако научниците тврдат дека во езерото не нашле делови од небесното тело, ловците на метеорити во тоа не веруваат.
Тие користат детектори за метал и во замрзнатото езеро низ дупка уфрлуваат големи магнети, со чија помош од дното вадат вселенски камења, кои содржат барем 10 отсто железо. Руската полиција ја забрани потрагата поради опасност од пукање на мразот, но и затоа што научниците мораат детално да го истражат местото на падот, што ќе се случи дури на пролет, кога ќе се стопи снегот.
Меѓутоа, метеорот кој предизвика голема штета во Русија, од која над 1.200 луѓе се повредени, стана најбарана стока на интернет. Просечната цена за небесен камен е 7.000 евра, а за најмалите примероци се даваат дури 500 евра.
Голема побарувачка
Ова е нешто што не може да се најде во продажба секој ден, а побарувачката е голема. Моменталната цена за примерок со тежина од 10 грама е 12.000 евра - напиша еден од продавачите на кинескиот сајт Таобао.
Карактеристики на метеорот
♦ Тип: кондрит, со 10 отсто железо
♦ Пречник: 15 до 17 метри
♦ Тежина: 10 тони
♦ Брзина на падот: 18 километри во секунда
♦ Број на експлозии: на 55 км од Земјата, а потоа уште осум пати
♦ Силина на експлозија: 30 пати поголема од силината на атомската бомба фрлена на Хирошима во 1945 година.
Научниците велат дека треба да се откријат уште фрагменти, а започнува и дебата околу точната природа на небесниот објект.
Трката по космички сувенири започна, откако научниците рекоа дека има се уште многу делчиња од метеорот кој падна минатата недела на земјата, во близина на рускиот град Чељабинск, и кои треба да бидат пронајдени.
Вонземското потекло на 53 камени фрагменти собрани од смрзнатата површина на езерото Чебаркул, беше потврдено за време на анализата спроведена од Федералниот универзитет на Урал во утринските часови во понеделникот.
Но ова е само почеток на процесот на собирање остатоци од големиот метеор, кој во петокот експлодира додека влегуваше во атмосферата на земјата, и падна на земјата во серија на огнени топки.
Виктор Гроковски, член на Комитетот за метеори при Руската академија на науки, беше назначен да ја води операцијата за научни истражувања. „Постојат уште многу фрагменти кои треба да бидат откриени на многу други места... само е прашање на време“, рече тој.
Истрагата во моментот беше концентрирана околу шест метри длабоката дупка во езерото Чебаркул, одалечено околу 50 милји од Чељабинск, која беше откриена од локалните жители набрзо откако метеорот падна на земја.
Воените нуркачи минаа поголем дел од викендот пребарувајќи го дното на езерото, но беа попречени заради слабата видливост и не пронајдоа ништо.
И покрај неуспехот на нуркачите, постои голема веројатност во езерото да се наоѓа парче од метеорот со големина од барем 50 сантиметри во дијаметар, рече Гроковски.
Локалните власти во неделата рекоа дека формалната истрага е сопрена, но научниците ќе продолжат со ловот. Никој од осумчлениот тим научници досега се уште не успеа да ја истражи целата површина на езерото, зоради безбедносниот кордон поставен од властите за време на викендот.
Анализите од парчињата кои се досега откриени, од кое ниту едно не беше поголемо од еден сантиметар во дијаметар, наведуваат дека 10 отсто од метеорот е составен од железо. Беа пронајдени и траги од сулфати и од минералот оливин.
Тоа беше камен метеорити, кој спаѓа во класата на обични метеори хондрити“, рече Гроковски.
Тоа најверојатно ќе биде наречено „Чебаркул“, според езерото каде беа пронајдени првите остатоци од метеорот, кој е најголемиот објект кој паднал на земјата во повеќе од 100 години.
Во рамките на академската заедница, во понеделникот изгледа се појавија разлики во мислењата околу точната природа на објетот, кога некои експерти рекоа дека мислат оти во петокот во 9,20 часот, комета ја погоди јужна Русија.
„Во Чељабинск видовме вид на комета во која нема речиси никакви остатоци од метеор“, рече Александар Багров, член на Астрономскиот институт при Руската академија на науки, известува Интерфакс.
Тоа беше воглавно составено од лед, од кој не остана никаква трага“.
Овој агргумент ја отсликува сличната дебата која се поведе по последниот голем пад на метеор, таканаречениот настан од Тунгузија, во Сибир, во 1908 година. Повеќе децении подоцна, руските научници се обидуваат да го објаснат отсуството на кратер кој би требало да биде очигледен знак на падот, и се расправаат околу тоа дали блесокот бил предизвикан од метеор или од мала комета.
Додека во понеделникот започна оваа интелектуалната дебата, операцијата за расчистување во Чељабинск сопре. Шоковиот бран предизвикан од метеорот ги искрши прозорците во целиот регион, и повреди околу 1.500 луѓе.
За време на викендот, една жена беше префлена во Москва за болнички третман, а околу 50 луѓе останаа во болницата во градот. Додека ноќните температури паѓаат на околу -20 степени, цените на стаклото скокаат, а луѓето брзаат да ги заменат скршените прозорци.
Tweet |