Петар Печков
Објавено: петок, 02 септември 2011
Повторната работа на велешката топилница не е добро ниту за градот ниту за граѓаните, посочија од ,,Зелената коалиција,, граѓанско здружение од седум невладини организации. Тие заедно со поголемиот дел на жителите на Велес, жестоко се противат на рестартот на овој индустриски капацитет, голем загадувач. Ова е реакција по најавите дека ,,Метрудхем,, планира да започне со обнова ан топилницата. Информацијата дека е можно нејзино повторно работење ја крева тензијата кај граѓаните.
Ние друго место за живеење немаме, Велес не го даваме за грст пари. Во Македонија постои закон како една инсталација се пушта во работа. Во случајот со топилница и потребна ,,А,, интегрирана дозвола, бидејќи таа се третира како нов капацитет, оти не работи од 2003-тата. Тоа јавно го кажале многу пати надлежните од Министерството за животна средина. Значи таа ќе може да проработи ако се урне и гради се одново. Тој што ќе даде дозвола на овој капацитет, кој е во фаза на распаѓање, ќе биде запомнат од велешани, исто како тие што во 70-те години од минатиот век, со политичка одлука ја донеле тука, среде град. Не го сакаме убиецот повторно да се врати – вели Ненад Коциќ претседател на ЕД Вила Зора, член на Зелената коалиција.
Тој побара од газдите сами да кажат кои квалитети ги има сега Топилницата, за да може таа повторно да проработи, за да може да конкурираат за највисока ,,А,, еколошка дозвола.
Не се добредојдени во Велес, тоа треба да го знаат. Тоа што го зборуваат се прикаски за мали деца. Вработување на илјадници луѓе, вложувања од стотици милиони долари. Тие немаа пари да ја платат сумата од 2,25 милиони евра, за колку победија на надавањето и им требаше две години таа да ја уплатат а сега се расфрлаат со огромни пари. Најупотребуван збор во нивниот настап во Скопје, бил зборот ,,ќе,, за идно несвршено време. Така сакаат да се додворат до Владата ветувајќи нешто, за што немаат капацитет. Сакаат да ни подарат Тројански коњ, пари кои ги немаат, во замена за здравјето на велешани – вели Игор Смилев од Еколошката групација ,,Зелената сила,, дел од коалицијата.
Велешката топилница ќе се рестартира. Инвеститорот „Метрудхем“ најави дека планира да инвестира 150 милиони долари во реновирање, ревитализација и модернизација на постоечките постројки и за 2,5 до три години откако ќе добие одврзани раце од Министерството за животна средина да почне со производство.
Направен е првиот чекор, испратено е известување до министерството за намерата на компанијата за изработка на студија за оцена на влијанието на животната средина.
Компанијата „Дексон Ема“ веќе ја изработи студијата, но таа ќе биде конечна по имплементацијата на сите аргументирани сугеститиите од јавната расправа и оценките на експертските комисии и другите државни институции. Таа предлага технолошки решенија од врвот на меѓународната листа на денес признати најдобри техники и технологии - изјави Тони Димитриоски управител на „Метрудхем“. Според нив влијанијата врз животната средина од работата на топилницата ќе се сведе на минимум.
Планирано е топилницата да произведува 100.000 тони годишно цинк и олово и 100.000 тони вештачко ѓубриво во фабриката во Згрополци. Според проценките, 300 милиони евра треба да изнесува годишниот обрт на инвеститорот првата година откако ќе почне со производство. Планирани се 1.000 директни вработувања и уште 2.000 од страна на кооперантите.
На изминатите избори работата на топилницата беше единствената точка по која сите партии, од власта и од опозицијата има консензус. Таа не може да проработи во Велес. Поддршка на велешани во борбата со овој загадувач, дадоа и МПЦ и ИВЗ, за кои повторното работење е лошо по здравјето на луѓето.
Метрудхем ја купи велешка Топилница на 28 октомври 2008-та за 2,25 милиони евра како единствен учесник на тендер кој го распиша МХК Злетово, во стечај. Постапката на продажбата крена голем прав во јавноста по дискваликификувањето на другиот учесник, фирма од Турција, но откако неговата жалба беше усвоена, компанија сама се откажа од натамошното учество. Плаќањето на вредноста Метрудхем постојано го одложуваше а иако беше спротивно на правните акти, стечајниот судски совет го толерираше.
Фирмата Метрудхем како ДООЕЛ е регистрирана од белграѓанецот Борис Коленц во мај 2008-та, непосредно пред тендерот за продажба, на Британските девствени острови со почетен капитал од еден милион евра. Тогаш тие негираа секаква поврзаност со групацијата ,,Минеко,,
Во Министерството за животна средина во тек е анализата на фирмите кои конкурираа за користење на депонијата со згура, која се наоѓа до топилницата. Две компании се јавиле на конкурсот од Министерството за животна средина и просторно планирање за активна ремедијација со можност за преработка на индустриското жариште –депонија на МХК Злетово. Таа е тешка 1,7 милиони тони и во неа има 8% цинк и 1 отсто олово, што овозможува економска експлоатација,
Tweet |